Петар Печков
Објавено: среда, 17 јуни 2020
Велес неколку месеци нема ниту општински ниту државен инспектор за животна средина. Во состојба кога има три инсталации со „А“ дозвола и 18 со или се во постапка за добивање „Б“ интегрирана еко- дозвола, нема кој да ја надгледува нивната работа и колку тие ги исполнуваат и почитуваат еко-стандардите. Општинскиот еко-инспектор замина на друга позиција а државниот се пензионираше, што создава дилеми во јавноста, кој врши контрола на загадувањето во градот.
За жал поради сплет на околности, во Велес нема овластен инспектор за екологија, ниту државен ниту општински. Се надевам дека набргу ќе добиеме општински, кој ќе оди на соодветни обуки во Скопје за да ги добие сите овластување за да постапува. Дотогаш се грижи одделението за животна средина, кое е во рамките на општинската администрација- рече градоначалникот Аце Коцевски.
Немањето инспектор за екологија деновиве беше силно почувствувано во градот. По инцидентот со истекувањето на мазутот од велешка Маслодајна, нема записник за случајот а двете страни излегоа со различни податоци за количествата кои истекоа, Маслодајна со 300 кг. а локалната власт со еден тон. Маслодајна тврди дека ништо не истекло преку отпадниот канал во река Вардар, додека локалната власт тврдат дека одредени количества завршиле преку каналот во реката.
Деновиве, во период на засилени градежни активности асфалтната база на Македонија пат во населба Речани во утринските часови работи со засилено темпо. Во саботата бел густ облак околу седум часот беше емитуван од неа и потоа со ветер заврши во градот, каде остана повеќе време. Во овој период мерните инструменти покажуваа повисоки вредности на јаглен моноксид и сулфурдвеоксид. Велешани реагираат и за ова, но бидејќи таа е „А’ инсталација, истата е под надлежност на државниот инспекторат за екологија.
Tweet |