Петар Печков
Објавено: среда, 27 јуни 2012
На свеченото отворање на фестивалот на сцената на амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес настапија фолклорните ансамбли „Владени‘‘ и „Валуриле Дунариј‘‘ од Романија, „Емона‘‘ од Словенија, КУД „Зора‘‘ од Унгарија, ДМТА „Дунавска младост“ од Бугарија, „Славица‘‘ од Русија и „Керамичар‘‘ како домаќини од Велес. Овогодинешното издание на фестивалот во 5-те фестивалски вечери ќе понуди настап на вкупно 18 ансамбли од осум земји кои ќе го претстават својот фолклор преку песните, ората, танците и музиката.
На сцената својот фолклор до 30 јуни до кога трае фестивалот ќе се претстават два фолклорни ансамбли од Слобозија, Романија, по еден фолклорен ансамбл од Словенија, Унгарија, Русија, Бугарија и Србија, а вистинско изненадување за присутните ќе биде настапот на културната танцова група од Малезија во чиј состав ќе настапат клубот за уметност и култура и танцовата група „Рафлезиан“ од Малезија.
И оваа година веќе традиционално во фестивалските вечери ќе настапат велешките фолклорни ансамбли „Керамичар“, „Коле Неделковски“, „Вила Зора“, „Распеани велешани“, „Распеани пензионери“, како и фолклорните ансамбли од Свети Николе, Скопје и Кавадарци а свој настап ќе има и оркестарот на традиционални инструменти „Зора“.
Покрај во Велес дел од гостите ќе настапат и во Свети Николе, Чашка и Кавадарци.
Целта е и останатите општини да го збогатат своето културно живеење со интересни фолклорини вечери од повеќе земји, изјави Томе Јаневски претседател на организацискиот одбор на ИФФ „Велес 2012‘‘
Tweet |