Петар Печков
Објавено: сабота, 16 јуни 2012
Велешанецот П.Д. ( 17 год) се здоби со тешки повреди на главата во бизарна сообраќајка, бегајќи пред глутница кучиња скитници. Тој вчера напладне околу 13 часот шетајќи по главната градска улица Благој Ѓорев, пред влезот во Гимназијата наишол на глутница кучиња, и се уплашил од нив. Според минувачите тие го нападнале, па П.Д. сакајќи да избега истрчал на улицата каде бил удрен од автомобил кој иако кочел и не возел брзо, му нанел сериозни повреди .
Видовме како кучиња скитници го бркаат детето во дворот од Гимназијата. Дали тој нешто сторил што тие скока по него а тој се бранеше, не знам. Но продолживме да се движиме за по неколку секунди да слушнеме кочење и тресок. Кога се свртевме го видовме дечкото на хаубата од таксито. Бегајќи од кучињата тој беше удрен од автомобил. Брзата помош дојде за една минута, го качивме и го однесоа за Болница – вели сведок на настанот.
Според дежурниот доктор од велешката болница поради повредата на главата П.Д. е пренесен на невро- хирургија во Скопје. Кучињата скитници оваа година нападнаа неколкумина велешани и нивниот број во градот е постојано во пораст. Според Ветеринарната станица тие за првите три месеци од годинава врз 12 кучиња извршиле еутаназија оти тие биле агресивни, со тешки повреди, хронично болни. На други 11 кучиња скитници е извршен комплетен третман, дехелементизација и вакцинација против беснило, кастрација, по што се вратени во природните средини, во близината не местото на заловување.
Од Ветеринарната станица од Велес посочуваат дека од почетокот на оваа 2012 година наидуваат на тешкотии справувањето со кучиња скитници бидејќи од годинава се спроведува Европската регулатива за благосостојбата на животните. Проблем создава обележувањето на третираните кучиња, кои претходно беа маркирани со ушни маркици. Сега ова е забрането, па ветеринарите објаснуваат дека тешко ги разликуваат третираните кучиња од нетретираните.
фото: Ване Михајловски
Tweet |