Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 август 2022
Млад велешанец на 21 година возраст, доби притвор затоа што нападнал гостин во гостилница, при што му одзел пари, банкарски картички, па побегнал. ОЈО Велес за настанот кој го квалификува како разбојништво, се случил на 16 август во вечерните часови, 21,30, издаде соопштение.
„Осомничениот велешанец, на 16 август во вечерните часови, на терасата од гостилница во Велес, се доближил до оштетениот кој седел сам и гледал телевизија. Најпрвин го удрил со тупаница во пределот на ребрата од десната страна, по што му ја тргнал столицата на која седел. Оштетениот паднал на земја, а осомничениот од задниот десен џеб му го извадил и одзел паричникот во кој имало 2.000 денари, банкарски картички и други документи, по што се дал во бегство“ - соопштија од ОЈО Велес.
Имајќи предвид дека осомниченото лице претходно било осудувано за истовидно кривично дело, безимотен е, има блиски роднини кои живеат во странство, а и доста често отсуствува од сопствениот дом, ОЈО Велес оценил дека постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и за повторување на кривичното дело. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес доставил предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.
Основното јавно обвинителство во Велес донело Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот, кој е на возраст од 21 година за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик, за што е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Tweet |