Петар Печков
Објавено: понеделник, 28 март 2011
Велешанец се бори за живот во скопските клиники, откако се здоби со изгореници во пожар во семејната куќа. Петар Митев (21 год) според надлежните од Градската Болница во Скопје има сериозни повреди, изгореници, и е во тешка здравствена состојба поради проблеми на респираторните дишни патишта од задишувањето а изгореници има на рацете и лицето.
Ставен е на апарат за дишење и бил во животна опасност. Пожарот избувнал во неделата половина час по полноќ, на улица Даме Груев бр.66, токму од собата каде спиел повредениот. Оштетеното семејство Митрови не бара помош.
Никој не ми помогнал до сега, а не очекувам ниту помош отсега – прозборе таткото Дејан Митров кој е вработен во велешки АД Киро Ќучук, од каде нема земено плата 22 месеци. Затоа во куќата нема ниту вода ниту струја, што го отежнувало гаснењето на огнот. Тој е пуштен на домашно лекување од велешката болница, по здобиените повреди од гаснењето на пожарот во обидот да го спаси синот.
Во гаснењето на огнот учествувал и помладиот син, како и соседите кои со кофи вода од комшиите, се обидувале да го извлечат Петар. Пожарот според СВР Велес е несреќен случај причинет од догорена свеќа, која потоа зафатила дел до мебелот и покуќнината. Пожарникарите едвај се пробиле до местото каде куќата горела, во месноста Бричкова чешма, поради тесните улички, кои се карактеристика за овој дел на Велес, каде живеело семејството Митрови.
Тоа од неодамна е без мајката и сопругата, која починала а семејството преживува продавајќи цвеќе на градските гробишта. Куќата е целосно изгорена и сега таткото и синот се на улица.
Tweet |