Петар Печков
Објавено: понеделник, 12 август 2019
Велешанец е уапсен во Битола со 4 кг марихуана. Изречен му е притвор и се гони за кривичното дело ,, Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги,,.
Вторникот на 6-ти август по претходно обезбедени оперативни сознанија на влезот во Битола сопрено е патничко моторно возило “Мазда“ со велешки регистарски таблички, управувано од Д.Д. (38) од Велес, и при извршениот преглед во возилото пронајдена е марихуана, како и три полиетиленски пакувања со бела прашкаста материја. Одземените дрога е предадена на ОКТИВ при МВР за вештачење. Покрај ова, вчера по издадена наредба од судија на претходна постапка при Основен суд Велес, беше извршен и претрес во дом и други простории кај Д.Д. при што пронајдена и одземена е марихуана - информираа од МВР.
Основното јавно обвинителство Битола донело наредба за спроведување истражна постапка против велешанецот Д.Д.
Осомничениот 38-годишен жител на Велес, на 6 август, неовластено заради продажба во својот автомобил превезувал 4.223,39 грама наркотична дрога марихуана и 1,98 грама амфетамин. Дрогата била откриена при сообраќајна контрола на неговото возило, во близина на една бензинска пумпа на патниот правец А3 Ресен- Битола. Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и на осомничениот му изрече притвор во траење од 30 дена - информираа од ОЈО Битола.
Tweet |