Петар Печков
Објавено: четврток, 16 февруари 2023
Велешанец заработи притвор од 30 дена, поради тоа што му е донесена кривична пријава, за подведување на сопругата да врши проституција.
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 45-годишен жител на Велес за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Посредување во вршење проституција според член 191 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Во временскиот период од 2016 до октомври 2022 година, осомничениот во повеќе наврати вршел семејно насилство врз својата сопруга, така што со примена на сила, тепајќи ја и давајќи и наркотични дроги, ја наведувал на проституција. Тој се договарал со различни лица и ја носел жената во Кавадарци, каде што ја принудувал да има сексуални односи со неколку лица во ист ден, за што наплаќал парични средства“ - соопштија од ОЈО Кавадарци.
Имајќи предвид дека во конкретниот случај постојат околности кои упатуваат на можност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на високата запретена казна за ова кривично дело во траење од најмалку 10 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор. На осомничениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
Предметот се работи во Кавадарци, бидејќи осомничениот иако биле жители на Велес, делото го вршел во овој град.
Tweet |