Петар Печков
Објавено: понеделник, 17 јуни 2024
Ѓоре Ѓелев во Ликовниот салон во Велес, ги изложи неговите дела, изработени со кинеска калиграфија. Смета дека ова е за прв пат во Македонија да се организира изложба со оваа древна кинеска уметност. Се претставува со 30 дела пишувани во различни стилови и пренесени мудрости од Конфуциј и од кинеската античка поезија.
„Преку оваа уникатна и древна уметност сакам посетителите да ги доближам до кинеската култура и нејзиното разбирање. Во овој грст калиграфски творби може да се сретнат повеќе видови скрипти, како што се мала печатна, чиновничка, стандардна, курзивна и полукурзивна. Вакви дела може да се сретнат закачени во многу домови во Кина, каплети со желби за среќа за кинеска нов година, натписи на продавници, најави за настани и натпревари.Секоја е автентична и го отсликува времето кое била создадено од Чин, Хан, Танг династиите. Иако потекнуваат од пред илјадници години, сите се практикуваат денес. Во делата се испишани древни кинески мудрости, поговорки и цитати од познати мислители како што се Конфуциј, Лао Це, дела од поетите од времето на Танг Династијата. Калиграфијата е посебен вид на уметност, кој може да се каже е повеќе почитуван дури ѝ од сликарството“ – кажа авторот Ѓелев.
Преку четирите богатства на калиграфијата: четката, мастилото, хартијата и каменот за растворање на мастилото, Ѓелев не враќа илјадници години во стара Кина и ни ги пренесува мислите на древните мислители и стиховите на древните поети.
Изложбата ја организираа Народен музеј Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“. Ја отвори кинескиот амбасадор во Скопје, Џанг Ѕуо, кој потенцира дека калиографијата не е само уметност туку е важен дел од кинеската традиција и култура.
„Оваа калиографска изложба го пренесува длабокото пријателство меѓу двата народа. Експонатите не само што ја покажуваат љубовта на Ѓоре кон традиционалната кинеска култура, туку ја покажува и се поблиската размена меѓу двете земји и меѓусебноо разбирање и сличност меѓу двата народа. Се надеваме дека се повеќе луѓе во Македонија ќе ја разберат Кина преку кинеската култура, ќе го посеат семето на пријателство меѓу двете земји и ќе напишат повеќе приказни за пријателство меѓу луѓето“ – кажа амбасадорот Џанг Ѕуо.
„Калиграфијата како уметничка дисциплина која го има својот зародиш во Кина, во средниот век се шири и низ Македонија, особено при пишувањето и препишувањето на религиозни книги. Се надевам и очекувам дека Ѓеле кој е програмер –дизајнер, може да даде свој придонес, за оваа вештина, -техника на декоративни букви“ – кажа Елица Николов, виш кустос од Народен музеј Велес.
Tweet |