Петар Печков
Објавено: вторник, 22 април 2014
Велешанецот Денис Махмудов (24 год) кој е дете на Борец е вториот македонски играч кој го подигна трофејот во Купот на Холандија. По Горан Попов кој со Херенвен во 2009 година го подигна трофејот, среќата во неделата вечер му се насмевна на Махмудов, а неговиот тим Цволе успеа изненадувачки да го „понижи“ шампионот Ајакс со 5:1.
Со тоа следната сезона Цволе на Махмудов ќе игра во квалификациите за Лигата на Европа, а ова е прв трофеј на Махмудов во Холандија кој зимава пристигна во редовите на холандскиот прволигаш. Велешанецот не играше во финалето поради повреда, а во Купот на оваа земја има постигнато два гола, со што и тој има заслуга за овој успех.
Махмудов има македонски пасош, но и натаму нема настап за репрезентацијата на Македонија, иако се очекува во следниот период да добие повик за сениорскиот национален тим и Бошко Ѓуровски да ги испита неговите квалитети пред квалификациите за ЕП 2016 во Франција кои почнуваат во септември оваа година.
Денис Махмудов веќе неколку години својата кариера ја гради во странски килубови. Тој е дете на Борец и со тренерот Тоше Нацев го учеше фудбалот, за потоа да замине во странство.
Tweet |