речник контакт

Велешанецот Никифор Смилевски

Благодарејќи на пензионираниот новинар Никифор Смилевски, на велешани им се поблиски приказните како настанале бројните градски песни, можат да ги имаат на едно место сите мрсни коледарски песни, но и...

Петар Печков

Благодарејќи на пензионираниот новинар Никифор Смилевски, на велешани им се поблиски приказните како настанале бројните градски песни, можат да ги имаат на едно место сите мрсни коледарски песни, но и приказните за славното минато на градот кое се гордее со културните дејци. Шеесетидеветгодишниот истражувач на велешката култура и минато има објавено четири значајни книги кои се вистински локални бестселери. - Се што издадов е резултат на студиозна и истражувачка работа. Се бавев со новинарство, така што имав раскажано многу туѓи животни приказни. Затоа и сакав да оставам трага зад себе и дел од тоа богатство-објаснува Смилевски за мотивот како започнал да се бави со ова работа. Тој како неуморен трагач се впуштил во една авантура да ги најде корените, да ги именува лицата и настаните од кои се создала популарната и омилена велешка староградска песна. Книгата „Коренот и песната“ издадена пред петнаесетина години е прва од таков вид во Македонија, каде се раскажани сториите за 23 песни кои се дел од историјата. Авторот со години барал да ги одгатне тајните на потеклото и за собеседници имал повеќе луѓе за една песна и така го создавал мозаикот. За една песна работел и по пет-шест месеци. Така открил дека „Елено ќерко, Елено“ е песна за богатата Елена Кртчева, „Во влашкото маало“ е за големата и неостварена љубов на Нике Цибрева, песната „На Којник дуќан да имам“ ја испеале младите аргатки за продавницата на Нато Кралот или пак „Се посврши сербез Донка“ е за големата забранета љубов на Донка Јаричкова со Миле Ивчев. Сите песни во книгата, која Никифор Смилевски ја работел шест години имаат своја приказна. Тие често се преработуваат на програмите на радијата или телевизиите и се привлечни за слушателите и гледачите, бидејќи раскажуваат за едно време кое што е со интересни моменти и со многу вредности-вели авторот Смилевски. Тој во негово авторство има уште еден „бестселер“ тоа е книгата „Велешки мрсни песни“. Работена во периодот од 88-90 година и доживеала две изданија. Во првата има педесетина а во втората сто мрсни песни. Тука се наоѓаат: „Печи печи сирење“, „Матен Вардар дотече“, „Пискул, пискул“, „Баба оди по Бабуна боса“, „Крц крц лубеница“, „Јанко петел јаваше“, „Ина, ина“ сите класики на коледарското пеење. Тоа се песни кои се карактеризираат со послободна, непристојна за пошироката јавност, еротска содржина. Оваа книга е одговор на српскиот „Црвен бан“. - Кога во тоа време во Србија беше издадена книгата на Вук КараџиЌ, „Црвениот бан“ се одлучив да направам македонски одговор. И ние имаме такви еротски песни, кој најмногу се пејат за Коледе во велешко. За нив пишувал уште Јордан Хаџиконстантинов Џинот во 1852-та година, кога ги нарекол „хулни песни“ -вели Смилевски. Со промоцијата на книгата започна и обновувањето на коледарската традиција во Велес. Тогаш во дворот на Офицерскиот дом имало преку илјади гости, се испиле десетици литри варена ракија и изгореле десетина кубици дрво за огрев. Никифор Смилевски е автор и на други дела, „Оттргнато минато“ за историјата и луѓето кои оставиле трага во живеењето во градот, „Запишано време“ книга циклус за луѓето од секојдневнието на Велес, пишувал и за Панко Брашнар, за велешката чалгија и Ало Тончов, ги открил фотографиите на двајца Гемиџии што е раритет бидејќи тие зад себе не оставиле никаква трага. Тој ја обелодени пет вековната тајна на закопаниот манастир Св.Димитрија. - Ме заинтрегира гробот на Петар Здравев, кој е до црквата, по што почнав да истражувам и ја создавам сторијата за манастирот. Барав по старите луѓе, книгите, свештенството, проучував истражував за да ја дознаам вистината - вели Смилевски. Од малку познатите работи Што ги објавил во оваа пригода потсети дека при изградбата на црквата Св.Пантелејмон во ѕидовите биле вградени ќупови за што таа добила акустичност и затоа ја нарекуваат Македонска Миланска скала. Но за ова и други помалку знаени работи тој работи на нова книга, која очекува да ја заврши годинава, се разбира доколку најде пари, констатира Смилевски.Тој има интересна приказна како двете цркви во Велес ги добиле имињата. - Некаде околу 1835 година во градот имало колера од која умреле голем број луѓе. Затоа се барало чаре, а каде ако не во Бога. Затоа набргу биле изградени Св.Пантелејмон кој бил лекар и Св.Спас бидејЌи се барало спасение од болеста - објаснува Смилевски.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »