Петар Печков
Објавено: сабота, 20 ноември 2021
Велешанецот, водникот Сашко Иванов е прворангиран подофицер питомец, најдобар меѓу 70-те колеги , кои го завршија курсот. Во почетен подофицерски чин се промовираа уште 70 професионални војници на Армијата на Република Северна Македонија, кои со успех го завршија третиот по ред курс за подофицери, по нашето полноправно членство во НАТО.
„Успеавме да изградиме тим, со кој нашата армија може да се гордее. Да бидеш најдобар е чест, гордост и задоволство. Тоа се должи на нашата посветеност, тимскиот дух и упорноста во обуката“ - порача Иванов.
Обуката за подофицери се реализираше на армискиот полигон „Криволак“ и во центарот за обука „Пепелиште“ од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и Извидувачко – разузнавачкиот баталјон. Во периодот август- ноември тие неуморно работеа на совладување на знаењата.Промоцијата на 70 нови подофицери се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје.
„Кога дојдов за министерка за одбрана еден од проблемите кои ми беа посочени беше дека цела деценија немало курс за подофицери. Веднаш тргнавме во решавањето на проблемот, чекор по чекор, и резултатите станаа видливи за кратко време. И покрај сите предизвици предизвикани од пандемијата во два наврати произведовме 55 и 65 или вкупно 120 подофицери. Предизвиците не застанаа, но не застанавме ниту ние. И оваа година продолживме со вас, за денеска да имаме вкупно 190 нови подофицери во армиските редови“, рече министерката Радмила Шеќеринска.
Tweet |