речник контакт

Велешанецот Сашко Тодоровски кој живее и работи во Баку Азербејџан

Единствен кој и даде поддршка на Калиопи на Евросонг од салата во Баку, беше велешанецот Сашко кој таму живее 14 години

Петар Печков

Шетајќи низ центарот на Баку во вечерните часови, вниманието на евровизиските гости го привлекува звукот на македонската песна што одекнува од клубот „Балкан“. Песните на Тоше, Kалиопи, „Леб и сол“ и сите бисери на македонската народна музика кои ечат до доцна во ноќта. Можеби се изненадување за новите туристи, но не и за народот што живее во Баку.

Во ова кафуле, сопственост на велешанецот Сашко Тодоровски, кој 14 години живее во овој град, забава наоѓаат многу познати балкански спортисти и бизнисмени. А Сашко со задоволство ги пречекува и ги испраќа, особено Македонците. Тој, неговата сопруга и двата сина беа единственото семејство кое со високо кренато македонско знаме ја поддржуваше Kалиопи на нејзиниот настап во второто полуфинале.

Мотивот да го отворам ова кафуле е носталгијата што многу години ја гаснев со музика за душа дома сам или во тесен круг на пријатели на таканаречените наши Balcan party. Или со гитарата и мојот омилен екс –ју -рок. Идејата постоеше одамна, но не можев да ја реализирам поради сите мои обврски и ритамот на живот. Мојот партнер Владимир Мичовиќ од Белград, кој исто така е веќе староседелец овде, ми ги разреши тие дилеми. Со заеднички сили го реализиравме „Балкан”, кое е место каде што доаѓаат Балканци -спортисти и луѓе кои работат во Баку, а потекнуваат од нашите краеви.

Полека, нашето кафуле стана место каде што балканските звуци и пред сe македонската песна, црногорската пршута и домашната ракија им се допаднаа и на други луѓе, независно од национална припадност. Kафулето е од затворен тип, не може да влезат луѓе што не ги познаваме. „Балкан“ ни е хоби и на двајцата затоа што ние не живееме од тоа. Основната идеја не е правење пари, туку да се има место каде што ние и нашите другари ќе се чувствуваме како дома. Не посетија многу познати спортисти, како светската кошаркарска ѕвезда Владе Дивац со целиот тим од Фондација „Дивац“.

Дали Евровизија им го промени ритамот на луѓето што живеат во Баку? Kако тие ја доживуваат оваа манифестација?

Се разбира, една таква манифестација, сакале ние или не, влијае врз ритамот на сите што живеат во оваа земја. Од моментот кога лани во ова време Азербејџан славеше победа во Германија, па до денес целата земја живее во тој евровизиски дух. Сведок бев на тоа како се славеше победата на нивните претставници. Славењето почна рано утро поради разликата во времето и траеше во текот на целиот ден. Луѓето беа на улиците со знамиња, владееше еуфорија. Градот Баку буквално се измени во текот на овие дванаесет месеци. Убавиот Баку стана уште поубав, уште посветол. Луѓето се подготвуваа за дочек на гостите од Европа. Азербејџанците се многу гостопримлив народ, тоа им е во крвта, па затоа навистина се радуваат на приливот на туристи и учесници на Евровизија.


Kако и кога се случи овој град да стане место каде што ќе формирате семејство и ќе почнете нов живот?

Тоа е прашање што најчесто го добивам, не само од Македонци туку од кој било што ќе слушне и ќе дознае од каде сум и колку долго живеам овде… Ќе бидам искрен... се работи за една прекрасна љубовна приказна која почна во 1997 година, во авион на пат помеѓу Истанбул и Баку. Патував на конференција во Азербејџан како член на делегацијата од Министерството за одбрана на РМ. Јас и мојата сопруга едноставно добивме среќни билети - седевме еден до друг. И како што тоа бидува само на филм, и мене ми се случи љубов на прв поглед. Една единствена кратка средба пред заминување од Баку, долги и скапи телефонски разговори на релација Скопје-Баку, кратки средби на половина пат во Истанбул и на крај, по неколку месеци од првата средба, едно големо решение за двајцата - да живееме заедно.

Вклучени сте во светот на модата во Баку. Што конкретно работите?

Да, директор сум во фирма која работи во модниот бизнис, на азербејџанскиот пазар претставуваме 15 познати светски брендови и сме најголеми на пазарот во тој сегмент. Имаме над 30 бутици во Баку, сите сместени во трговските центри и во строгиот центар на градот. Станува збор за брендови од средна и висока класа, како што се Томи Хилфигер, Бенетон, Бебе, Бенетон, Сисли, Лиу Џо и други, како и спортски брендови како Адидас, Најк и Пума. Работиме и во Тбилиси во Грузија, таму ги претставуваме брендовите Бенетон, Сисли, Манго и Мекс.
 
Семејството Тодоровски беше единствено во Kристалната сала што ја поддржа Kалиопи на нејзиниот настап во полуфиналето. Kолку Македонци живеат во Баку?

Знаете, јас сум во Баку тој што дочекува и испраќа. Можеби се лажам, но мислам дека сум единствен од Македонија кој со македонски пасош живее и работи на постојана основа во земјава. Да, има наши луѓе, обично од спортот, кои доаѓаат на одреден период, си ги одработуваат условите од договорите и се враќаат назад или одат понатаму во својата кариера. Јас не сум тука на печалба, едноставно тука живеам со мојата сопруга Парвана и моите два сина Дани и Алек Тодоровски.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »