речник контакт

Велешанецот др Цветко Арсов ја има дипломата број еден на Медицинскиот факултет од Скопје

Велешанецот доктор Цветко Арсов може да се гордее бидејќи ја има дипломата број еден на Медицинскиот факултет од Скопје, тој е првиот дипломиран доктор во земјава на скопскиот факултет.

Петар Печков

 Велешанецот доктор Цветко Арсов може да се гордее  бидејќи ја има дипломата број еден на Медицинскиот факултет од Скопје, тој е првиот дипломиран доктор во земјава на скопскиот факултет.  Тој таму дипломирал пред 59 години, во првата генерација македонски  студенти кои посетувале и завршиле на тогаш новоформираниот факултет. На 30-ти декември 1953-та година, д-р Арсов  заедно со останатите колеги ги добиле дипломите, на голема свеченост,  оти  за прв пат во Македонија завршуваат доктори на сопствен факултет. Бидејќи тој со презимето бил Арсов, неговата диплома е со реден број еден.

Бев во првата група од шест завршени студенти, кои пред Новата 1954-та година ги добивме првите дипломи на медицински факултет на македонски јазик, за доктори по медицина.  На промоцијата имаше многу народ, беше во стариот театар во Скопје, кој беше извонредно декориран. Имаше многу гости од сите медицински факултети од тогашна Југославија. Беше голема свеченост и за младата држава тоа беше голем успех, бидејќи излегоа првите дипломирани домашни кадри, лекари – се сеќава д-р Арсов. 

Токму тој  се заблагодарил од името на првата дипломирана генерација. Медицинскиот факултет се формирал во мај месец 1947-ма година а започнал со работа, со студирање на први ноември 1947 година. Ректор на Скопскиот универзитет бил д-р Марин Каталиниќ, декан на Медицинскиот факултет проф. д-р  Зденко Крижан  и двајцата од Загреб. Наставата ја посетувале во бараки. За една година со силни напори на власта биле изградени повеќе амфитеатри, институти, по што предавањата за тогашни услови се одвивале во најмодерни услови.

Учевме од книги од Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, како стари факултети со реноме, бидејќи немаше македонски книги по медицина. И тогаш фаќавме прибелешки, копиравме материјали. Професорите повеќето беа хрвати, срби кои дојдоа да живеат во Скопје и беа добро платени. Тие беа тука десетина години додека се оформи наш македонски наставен кадар. Во наставната 1952/53-та последната година се вклучија македонски професори и почнаа да предаваат интерно, гинекологија, хирургија, дерматовенерологија, очни болести. Ние бевме прва генерација и студиравме шест години, така беше и со следната, па потоа ја скратија наставата на 10 семестри   – се присетува Цветко, кој и покрај  85-те години возраст е во одлична кондиција а сеќавањата му се свежи.

Во прва година  биле запишани 130 студенти. Нивниот  изборот бил  според постигнатиот успех   во средното училиште но важна била и по територијална застапеност, да има од сите краеви на земјата, за кога ќе завршат да можат да се вратат назад и таму да работат како лекари. Имало и  студенти од Јужна Србија.  Цветко Арсов матурирал во 1946-та во првата  и најстара гимназија во Македонија, тоа е велешката, од која генерација излегле  шестмина доктори. Тој добивал стипендија од општината и затоа морал да се врати назад во родниот Велес, да работи некое време како општ лекар, па потоа да  специјализира за  педијатар. Сега дваесет и една  година е пензионер.

Како млад лекар, немав многу  искуства, немаше стажирање. Ние од клупа отидовме право во ординација, што беше мошне тешко. Моравме да се консултираме со постарите доктори, беше неопходно за успех на работа. Се работеше со елан, со љубов, сега материјалното се става напред. Инаку работата со болни деца е тешка, бидејќи не можат, не знаат да кажат што ги мачи, каде ги боли. Во првите години од работата децата заболуваа од заразни болести од несоодветна вода, полна со бактерии. Имавме епидемии на тифус и паратифус а немаше лекови за неа. Причината беше нерегулираната канализација и водовод . Таа беше присутна 1954/ 55-та, но се појави лек.   Интересно е што најчесто децата на доктор доаѓаа со мајката и бабата бидејќи со нив се повеќе поврзани, ретко во мојата кариера се случуваше болно дете да дојде со таткото или дедото. Тоа поради работните обврски на машката популација. Така беше се до 60-те години кога почна индустријализацијата на Велес, па почнаа и жените да одат на работа, тогаш почна да се градат и градинки, па Велес доби  нов современ лик – вели д-р Арсов.

Роден е 1927 година во месноста Читкушева чешма, тогаш центарот на Велес. Биле пет деца, тројца браќа и две сестри. Најстариот брат Благој завршил за електро –инжињер, средниот брат Велко исто доктор интернист.

Татко ми се викаше Пано , беше лебар а мајка ми Сута домаќинка. Велеше ,,деца не сакам да станувате рано леб да месите и на фурна во еден да одите, ќе ве изучам,,. Беше многу широк и разбран човек, ни овозможи на сите петмина да матурираме и изучиме. Израснав во тогашниот центар на Велес, Читкушева чешма. Бидејќи тука доаѓаа од сите села луѓето, за да дојдат на пазар, тука имаше многу живот, многу луѓе. Имаше дури 14 дуќани околу стариот јавор, што за тоа време беше многу. Имаше  кондураџии, млекари, слаткари, шарлаганџии, ковачи, лебари, сите занаети беа застапени. Што селаните ќе продадеа тука купува за по дома - вели Арсов.

Според него во фамилијата на Арсови, заедно со Цветко  има осумина доктори. Синот  Панче е  доктор и тој е интернист, внукот Цветко е доктор ,исто како внуката Светлана која завршила медицина.  Неговиот  среден брат Велко  е доктор, тој  има син Панче кој е  лекар и тој има ќерка лекарка.  Сестра му има син доктор Никола Нацев. Помладиот син  на Цветко,  Златко Арсов  е професор на земјоделски факултет.

  Првите дипломци на медицинскиот факултет од Скопје  1932-тата се  шестмина: д-р Цветко Арсов педијатар,  д-р Тодор Стојчевски интернист, д-р Никола Поп Стефанов велешанец очен лекар кој сега живее во Париз, и тројца починати  д-р Сунчица Апостолова, д-р Тaки Сулејмани  и д-р Димитар Ивановски.  Од тогашната генерација на Арсов имало повеќе велешани, дури седуммина доктори, но тие завршиле во Загреб или Белград:  д-р Бојчо Ванов, д-р Тодор Лефков, д-р Трајко Леов, д-р Тодор Абрашев, д-р Јордан Боцев.

Од историјата на здравството во Велес, значајно име е Панче Васков првиот лекар во градот кој дипломирал во Цариград, заедно со првиот дипломиран аптекар во Македонија Андреја Kарпузов, тука се докторите Александар  Ташевиќ,  Ангел Арсов,  Богдан Поп Ѓорчев, Никола Димов. Значајно е името  на д-р Грозда `Ржарова која  според Арсов е прва жена специјалист во Македонија. Таа завршила во Белград пред Втората Светска војна гинекологија и акушерство, и  била подоцна асистент и професор на Медицински факултет во Скопје.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »