Петар Печков
Објавено: петок, 16 септември 2022
Велешанецот кој во средата попладне беше уапсен на наплата станица Сопот, со половина кг марихуана, доби кривична пријава и му е одредена мерка притвор. Основното јавно обвинителство Велес донело Наредба за спроведување истражна постапка против С.Д. на возраст од 38 години, до Велес, за кое постои основано сомнение за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
„На 14 септември, осомничениот неовластено набавил 489,4 грама наркотична дрога марихуана од две засега непознати лица од Скопје. За дрогата платил 80.000 денари и ја ставил во својот автомобил спакувана во кеса, по што се упатил кон Велес. На наплатната станица Сопот полициски службеници извршиле проверка на возилото и ја пронашле дрогата“ - соопштија од ОЈО Велес.
Бидејќи обвинителството оценило дека се исполнети законските основи – опасност од бегство, можност за влијание во постапката и можност за повторување на постапката, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.
Претходно полицијата објави дека 14 септември во 16.30 часот на наплатната станица Сопот, на автопатот „Пријателство“ полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода С.Д.(38) од Велес. При извршен преглед на патничко возило „фиат пунто“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена марихуана.
Tweet |