Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 август 2013
Велешанецот Вангел Жабев со гордост ги чува двете освоени медали на Пара олимпијадата која пред 33 години се одржа во Холандија. Тој во Арнхем, летото 1980-тата освои две бронзи на ова најголемо светско спортско натпреварување за инвалидни лица, рамноправен дел од олимпиското движење. Жабев се качи на победничкото постоље во два наврати во пливање. Со овој резултат тој е еден од ретките македонски спортисти што има освоено повеќе од еден медал на едно големо светско натпреварување. Беше трет во светот во дисциплините 50 метри слободно и 150 метри мешано.
- Останав забележан во спортската историја како освојувач на медали во пливање. За тој успех, од страна на Агенцијата за спорт и млади сум проглесен за спортски великан на Македонија и примател на спортска пензија за што јавно ја изразувам мојата благодарност. Тоа беше врвот на мојата кариера и тоа на 40 годишна возраст. Победник беше Полјак кој имаше двојно помалку, 20 години. Овие два медали беа резултат на мојот голем личен ангажман, желбата за натпреварување. Иако немав добри услови за работа, се искачив на пиедесталот – вели Жабев кој сега има 74 години. За да тренира, морал да патува секојдневно до Скопје, бидејќи Велес тогаш немал базен каде ќе се подготвува. Немал ниту тренер, морал сам да си ги поставува задачите, да мери време, да планира колку ќе исплива и колку испливал, да ги бори круговите минати во вода. Вообичаено минувал по 5 километри на ден. И затоа резултатите дошле на Параолимпијадата во Арнхем. Но тагува што кога бил најподготвен, не учествувал на Параолимпијадата во Торонто Канада.
- Тоа беше 1976-та година кога бев во врвна форма. Се подготвуваме во Словенија. Кога стигнавме на аеродром во Загреб ни кажаа: „ништо од патувањето“, бидејќи Југославија решила да ги бојкотира игрите, оти таму била како учесник Јужно Африканската Република, каде тогаш имаше Апартхејд. Така останав дома. Но резултатите кои ги постигнував на натпреварите беа подобри од тие на победниците на Параолимпијадата во Торонто. Жалам што не заминав, ќе се вратев со злато – објаснува Вангел. Тој се натпреварувал и на многу други спортски пливачки манифестации и често се враќал со добри резултати и медали. Така, на меѓународниот натпревар во Полска освојува 4 златни медали. За постигнатото бил спортист на Велес во 1980 година, кога ја добил и највисоката општинска награда 9-ти Ноември. Иако е без двете раце, кои ги загубил во несреќен случај како дете, не го оставил животот да минува покрај него, напротив активен е и денес во Македонскиот Параолимписки Комитет.
- Да ги имав условите за тренинг кои сега се создадени пред се благодарение на претседателот Бранимир Јовановски, во мојата витрина со сигурност ќе имаше неколку златни Параолимписки медал – додава Жабев. Цел работен век го минал во велешка Свилара, претседател е на Здружението на цивилните инвалиди од војната – Велес, активен е и во велешкото здружение на слепи лица, во Националната Федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија. „Чича“ како што го знаат велешани е исполнет со ведар дух, желба за муабет, другарување.
Tweet |