речник контакт

Велешани во дилема, дали функционира платениот паркинг во градот

Кој сака плаќа, кој не сака не плаќа, бидејќи немаме услови да казнуваме за тие што не плаќаат- вели градоначалникот Колев

Петар Печков

Откако на паркинзите во градот ги нема лицата кои се грижеа за наплата на паркинг просторот, велешани во дилема дали функционира платениот паркинг во Велес.

Откако на 15-ти јануари им заврши договорот на десетината ангажирани со времено вработување преку ЈП Парк спорт и паркинзи, договорите не им се продолжени.

Сега останува возачите на нивната совест дали ќе ја почиваат одлуката на Советот за платениот паркинг и ќе го плаќаат паркирањето.  

„Јас зборував дека паркирањето ќе го ставам во мирување, ако станам градоначалник. Сметам дека одлуката за платен паркинг во Велес, со ваква состојба како што е, е избрзана. Но се бара соодветно решение.   Донесените планови се дека ќе се гради подземна катна гаража на три нивоа во центарот на Велес. Додека не се изгради таа катна гаража нема да има  платено паркирање на постојните паркинзи“ - кажа градоначалникот Марко Колев.

Тој потенцира дека  максимално се искористени 40-50 паркинг места во центарот на градот, додека паркинзите кај Гимназијата и кај Автобуската биле празни како и пет други паркинзи биле неискористени.  

„Граѓаните со сегашниот систем се доведени во нерамноправна ситуација. Кој сака плаќа, кој не сака не плаќа, бидејќи немаме услови да казнуваме за тие што не плаќаат. Немаме  т.н. „канџи“  немаме возило „пајак“. Времено ангажираните лица беа изложени на временските услови, на  студено, на ветер, на  дожд, немаше каде да работат, немаа услови“- дополни Колев.  

Објасни дека наредниот период УО на ЈП Парк спорт  и паркинзи требало да донесе одлука, платениот паркинг да се стави во мирување а потоа истата таа да ја прифати и Советот.

За првите два месеци,август и септември,  од функционирањето на платениот паркинг ,од наплатата  ЈП Парк -спорт и паркинзи собрало 481.105 денари.  Во Велес, во двете зони  на корисниците им се на располагање 11 јавни  паркиралишта со 315 паркинг места.  Цената на услугата во зона А е 30 денари, во зона Б е 20 денари, за еден час.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »