Петар Печков
Објавено: недела, 29 август 2021
Велешани во пракса можеа да се уверат, како е да се вози во алкохолизиран состојба. Денес на пладне, со помош на Републичкиот совет за безбедност, беа изнајмени специјални очила, со кои се симулираше „пијано возење“. Наместо по линијата, граѓаните се движеа лево десно од неа. Со нив гледаа исто како и возачите кои во алкохолизирана состојба седнуваат зад воланот.
Ова беше дел од активноста на кампањата „Вози одморен“ која Републичкиот совет за безбедност ја спроведува заедно со МВР. Целта на кампањата е намалување на бројот на сообраќајните незгоди а со тоа и жртвите по патиштата.
„Основна цел на оваа кампања е безбедно возење и намалување на сообраќајните незгоди, како и подигање на свеста за влијанието нa заморот, возачите да возат одморени. Планирајте го патувањето, не го потценувајте заморот. Делена беше вода за освежување на возачите како и ваучери за безалкохолни напитоци“ - кажа Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП.
Изминатите летни месеци организирани се сообраќајно едукативни активности во повеќе градови во земјава, на наплатните станици и на граничните премини. На нив возачите биле информирани за потребата од максимално, целосно и безусловно почитување на сообраќајните правила и прописи. МВР продолжува со нивните активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
„МВР продолжува со засилените контроли, а со нивното санкционирање да влијаеме и тие да ги почитуваат правилата и да ни се приклучат во целта-што е можно побезбеден сообраќај. Во текот на вчерашниот ден 490 возачи се казнети поради пребрзо возење, а од нив 61 на територија на СВР Велес. За возење под дејство на алкохол санкционирани се 148 возачи, од кои 40 на територија на СВР Велес“ - изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Летната кампања „Вози одморен“продолжува и во наредниот период.
Tweet |