Петар Печков
Објавено: среда, 17 март 2021
Деведесет минути траеше подолго од предвиденото време, денешната крводителска акција во Велес, поради големиот интерес на граѓаните за доброволно дарување на крв. И наместо шест часа, траеше седум и половина, во кој период се собра 84 крвни единици, меѓу нив и од шестмина првократни дарители. На овој начин се одбележа и 17-ти март, Денот на Црвениот крст и денот на крводарителството во земјава. Организаторот Црвениот крст на Велес задоволна од покажаниот интерес.
„Акцијата траеше и подолго од предвидениот термин, во интерес н дарителите, кои трпеливо чекаа да даруваа крв. Морам да ја искажам својата благодарност за големиот интерес. Велешани, но и жителите на соседните општини и мината година покажаа висока свест и хуманост и тие се втори во земјава според исполнетиот план“ - рече Орце Николов, секретар на ОО на Црвен крст Велес.
Се работеше според ковид протоколите и затоа имаше помалку кревети кои се користеа за дарување, отколку во редовните крводарителски акции. Крводарителите од Велес, заедно со тие од Чашка и Градско, минатата година според хуманоста се втори во Македонија, со исполнет план од 183 отсто.
Претходно во 2018-та и 2019-та две години по ред велешкиот Црвен крст беше прво рангиран во земјава на полето на крводарителството. Планот од 1.861 крвна единица, лани е реализиран со 183 отсто, или собрани се 3.390 крвни единици а Велес е втор со 0,8 % помалку од Виница.
Од 30 општински организации во Македонија,минатата година само 13 го натфрлиле планот а повеќето од нив се за некој процент над планираните количини.
Tweet |