речник контакт

Велешани добиле бензинска пумпа пред скопјани

Првата бензинска во Велес била на Поп Андови со Шелово гориво уште во 1925 година

Петар Печков

Првата бензинска пумпа во Велес датира од 1925 година на локацијата спроти комплексот згради Чешелот, во центарот на градот. Со неа велешани во прво време се снабдувале со гасије а малкумина газди со бензин за автомобилите. Така велешани користеле Шелови услуги  уште пред 89 години. Овој податок зборува дека Велес бил меѓу првите градови во Македонија  кои добил бензинска, дури и пред Скопје. Тие ја добиле две години подоцна во 1927-ма. 

Нема засега податоци дали и кога Битола ја добила првата Бензинска пумпа, за да може да се потврди дека Велес бил прв град во Македонија кој добил тогаш, во тоа време ,,вакво чудо,,.

Од пожолтената фотографија сопственост на семејството Левкови, може да се види дека бензинската пумпа е сопственост на семејството Поп Андови, поточно на ,,Ордан Поп Андов и синовите,, и  дека е во близина на саатчискиот дуќан на Зографски кој исто така има децениска традиција.   Внукот на Поп Андови со исто име и презиме, како некогашната бензинска живо се сеќава за некои моменти, кои се уште останале и не избледнеале покрај годините кои минале.

Првата Бензинска пумпа е на мојот дедо и изградена е 1925-тата година. Тие продавале гориво на познатата  нафтена компанија ,,Шел,,.  Горивото се носело од Солун. Моите предци можат  да се пофалат дека го донеле светски познатиот магнат во Македонија и Велес уште пред девет децении а сега го нема кај нас. Тогаш немало многу автомобили во градот и немало многу потрошувачка. Повеќе се купувало гасије оти во тие години од минатиот век,  Велес немал уште струја и се  купувало и трошело за ламби.  Мислам дека во тоа време единствен автомобил во градот имал Ѕиката, сопственикот на  киното. И по некој автомобил кој ќе минел за Солун и обратно. Тоа била потрошувачката – објаснува Ордан Поп Андов.

Добро ја знае локацијата на бензинската, се наоѓала во центарот на градот,  на тогашната улица Крал Александар, близу куќата на Шукареви, близу саатчискиот дуќан на познатото семејство Зографски, кој постои и денес.

Кога по Втората светска војна беше затворена оти беше национализирана,  во земја остана цистерната за гориво. Таа беше откриена десетина години подоцна, при изградбата на зградата во  средината на 50-тите години на минатиот век. Но бидејќи беше тешка да се вади  од земја и отстрани,  да се однесе некаде, ја вградија во темелите, ја вкопаа. Така  остана таму и до ден денес.  Таа е сведок на некогашната прва Бензинска пумпа во Велес сопственост на мојот дедо – вели Ордан Поп Андов.

Со растежот на велешките богати семејства, тие ја покажувале  нивната моќ и купувале коли.  Кога веќе имало гориво во градот, можело да се има и  автомобил. Така  во 1927-та, две години по отворањето на Бензинската пумпа  автомобил имало познатото семејство Боцеви, сопственици на фотографско студио.  Наследникот на семејството  Боцев, Томе се сеќава на една епизода раскажана и документирана од неговите предци, која и денес е актуелна кај велешани, снаата да се  зема и носи со автомобил од  кај таткото дома  до новиот дом, кај момчето.

Во 1927 година за прв пат во Велес за бракот на моите родители бил употребен автомобил да ја земе невестата од  село Ораовец, Мајка ми   Нада   имала татко богат трговец  Пано Срмата. На семејната фотографија  се гледа колку велешани тогаш биле модерни, што носеле, убаво се дотерувале. Со автомобил моите отишле и на венчавка, тоа што  денес се случува и е секојдневие дел од свадбените обичаи и традиција – вели Томе Боцев.
 
Бројките од велешкиот Историски Архив покажуваат дека во градот во 1929-тата имало 9 луксузни автомобили а две години подоцна таа бројка се качила на 14 патнички автомобили, 17 теретни камиони и 2 мотоцикли. Автомобилите биле од марките  - Форд 7,  два Ругби и по еден  фиат, доџ, шевролет,  вилс, трауг.  Десет од нив биле со 4 седишта, три со шест, еден со осум седиште. Камионите биле од марките бенц и интернационал.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »