Петар Печков
Објавено: петок, 14 мај 2021
Во пост Велигденската акција за собирање на габаритен отпад, реализирана деновиве, велешани на ЈКП Дерен му предале 101 кубни метри. Таа годинава се одвиваше три дена а граѓаните се пријавуваа во втората половина на месец април. Така вообичаено Велигденското спремање на домовите, исфрли купишта работи, кои се чувале некорисни и непотребни.
„Ако лани се фрлија многу јамболии, годинава најчесто се фрлаше дрвенарија, врати и прозори како и мебел, креденци и кревети“ - кажа Билјана Манаскова Шуркова, раководител на одделението за животна средина при Општина Велес, која беше организатор на акцијата. Ова е единаесетта година како се собира габаритниот отпад од велешките домаќинства, а услугата беше бесплатна.
Деновиве имаше еко-акција, при што се чистеше од отпад од шумскиот појас кон село Сопот и стариот пат кон Скопје, каде беа собрани 20 метри кубни отпад. После многу години, стапна човечка нога на некогаш популарното велешко капалиште „Островче“ на реката Вардар кај Градски парк, кое сега е обраснато во дрвја и жбунови.
Од него претставници на Здружението ,,Македонски спасител“, ЕГ ,,Грин пауер“ и ЈКП ,,Дервен“ собраа околу триесетина вреќи отпад- пластични шишиња, кои Вардар ги донел до Велес.
Tweet |