Петар Печков
Објавено: среда, 03 март 2021
И покрај тоа што пред 30 години, со самопридонес беше изградена фабриката за преработка на вода за Велес и по толку време квалитетна вода не стигнува до домовите на сите граѓани. Директорот на ЈКП Дерен објаснува дека во сите домови од граѓаните, тие ја добиваат водата од популарната „Филтерна“.
Ова беше кажано на одбележувањето на јубилејот, три децении од изградбата на фабриката, со која градот и околината добиваат високо квалитетна вода за пиење и хигиенски исправна. Но во Велес и по толку децении има азбесно -цементни цевки преку кој се дистрибуира водата за пиење.
„Се работи на изградба на водоводот до село Раштани и Бузалково, активност која е во тек а деновиве започнуваме со изградба на водовод во месноста Речани, за околу 60 потрошувачи. Постојано вршиме реконструкција на водоводни линии, поголем дел се заменети. И годинава планираме 4-5 км да бидат променети. Така би ги намалиле загубите на водата за пиење и би ги отстраниле овие стари цевки. Загубата ја намаливме од 60 на 48 отсто“ - кажа директорот Тони Јовиќ.
На градскиот водовод денес се приклучени и повеќето приградски населби и селата кои гравитираат во околината на градот Велес, односно, секаде каде постојат технички услови извршено е приклучување на руралните средини на градската водоводна мрежа. Фабриката за преработка на вода е изградена со самопридонес на велешани во периодот 1987-1991-ва.
„Изградбата на хидросистемот Лисиче и Фабриката за обработка на водата за пиење беа проекти кои финално го решија проблемот на велешани со недостигот од чиста и квалитетна вода за пиење. Рестрикциите на водата за пиење во текот на летните месеци стана минато, а водата што се дистрибуира до корисниците е со строго контролиран квалитет и без прекини. Во фабриката суровата вода што се доведува од ХС Лисиче се обработува низ неколку хемиски и технолошки процеси, се тестира нејзината микробиолошка и хемиска исправност и се пласира во градската дистрибутивна мрежа“- додаде директорот Јовиќ.
Капацитетот на фабриката за производство на вода изнесува 300л/сек. Градоначалникот пак им порача да не се запоставуваат постојните рени бунари, преку кои до пред 20-тинa година Велес се снабдуваше со вода.
„Поради негрижа во минатиот период, рени бунарите беа запоставени. Не знаеме какви времиња доаѓаат, што може да се случи. Во некоја несакана претпоставена ситуација, кога водата од ХС Лисиче нема да може да се користи, потребно е велешани да имаат алтернативен извор за обезбедување на вода за пиење а тоа се тие рени бунари“ - кажа Коцевски.
Водата за пиење во фабриката за преработка стигнува од Хидро системот Лисиче, кој исто како и неа е изграден од самопридонес на велешани.
Tweet |