Петар Печков
Објавено: понеделник, 10 септември 2018
Од први септември започна, ќе трае до први март идната година, кампањата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за бесплатно чипирање - регистрирање и идентификација на домашните миленици - кучиња и мачиња.
Со неа треба да се стави ред во одгледувањето на домашните миленици, а не сопствениците откако ќе набават, миленикот по некое време да го напуштат и остават на улица. Според проценките на АХВ, тоа ќе придонесе и за намалување на проблемот со кучиња скитници. Микрочипирањето ќе помогне и при пронаоѓање на изгубени миленици.
Секој сопственик има законска обврска да го микрочипира својот миленик и доколку не ја спроведе предвидена е санкција од 30 евра во денарска противвредност. После завршувањето на кампањата АХВ ќе спроведе зајакнати контроли за да провери дали сопствениците извршиле идентификација и регистрација на нивните домашни миленици -изјави директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов.
Кампањата се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“. АХВ набавила 100.000 микрочипови и склучила договори со 135 ветеринарни друштва ширум земјата кои ќе вршат бесплатна апликација кај домашните миленици. Меѓу нив е и Ветеринарната станица во Велес.
Првата седмица имаше интерес од велешани за чипирање на нивните домашни миленици. Не беа регистрирани само кучиња, имаше и осум мачки. Секој сопственик за да изврши чипирање трба со себе да носи лична карта, за да се заведе во чија сопственост е тој домашен миленик - рече Димче Димитриевски директор на Ветеринарната станица Велес. Сопствениците треба да платат 120 денари за издавање на пасош за домашен миленик а доколку тој е постар од четири месеци се плаќа и вакцината против беснило, која чини 590 денари.
Микрочипирањето е безболно, а се аплицира во пределот меѓу плешките. Микрочипот не е разградлив, но не е ниту од материјал што на каков било начин може да го иритира организмот на животните. Преку него практично се обезбедуваат основните податоци на миленикот и се овозможува негово следење. Ако случајно се изгуби, неговиот сопственик може веднаш да се лоцира.
Tweet |