Петар Печков
Објавено: среда, 25 април 2012
Доаѓањето на лекарската екипа облечена во бело во месноста Рамина, беше настан за тамошните велешки деца. Тие се тискаа околу докторите, но повеќето имаа страв од средбата со нив. Оваа посета е во рамките на Неделата на имунизација, која се одржува седма година по ред, во четвртата недела од месец април.
Нејзина цел е што повеќе деца да бидат вакцинирани а со тоа превентивно да бидат заштитени во натамошниот нивен развој. Велес може да се пофали дека е лидер во Македонија, бидејќи процентот на имунизација се движи блиску до сто. Но зад него е многу труд и минати стотици километри, за да бидат опфатени што повеќе деца. Примерот од Рамина, каде живее ромско население е доволно илустративен за предрасудите и стравот што владее кај децата од докторите. Но кога децата како награда добија маичка, тие веднаш ги подадоа рацете за да примат инјекција.
Нашите деца не одат на училиште, Господ ги чува, не се вакцинирани. Се селиме често низ Македонија, кај ќе најдеме работа таму остануваме повеќе месеци, затоа ги нема во евиденција. Кога ќе дојде време на берба на вишни, тогаш сме по полето и така не нема – вели мајка на петгодишно девојче кое дојде да се вакцинира.
Него го немаше никаде во евиденција, како и да не постои. Никаде не е запишано. Не е само тоа, лекарските екипи се сретнуваат со мноштво такви случаи. Друго пак машко, се претстави како Марвел иако има 10 години не оди на училиште, не знае да чита, но кога ги виде другите деца како се вакцинираат и тоа срамежливо ја подаде раката за да прими инјекција. За трето, кога докторите бараа податоци за него, баба му скромно рече дека кога ќе се берат вишните ќе наполни 8 години, тоа е знак на распознавање кога е роден. На листата од вој дел на градот беа запишани 30-тина деца кои ќе бидат вакцинирани, бидејќи не одат на училиште а беа идентификувани уште три, за кои нема податоци дека воопшто се водат во книгата на родени.
Оваа седмица нашите служби активно, на терен ги бараат децата кои не се вакцинирани а не се опфатени во системот на образование, иако тој е задолжителен. Затоа одиме вака во руралните средини или во одредени локации од градот, каде ни се јавуваат т.н. ,,џебови,, места каде има деца кои не се вакцинирани. Таа се спроведува заради сеопфатност на децата а во интерес на нивното здравје – вели д-р Татјана Самаракова директор на ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Во оваа седмица во велешко се вакцинирани 120 деца, кои досега не биле вакцинирани и се надвор од образовниот процес. Тие се на возраст и до десет години. Посетени се и селата Долно и Горно Јаболчиште, Бузалково, Горно Оризари, Сливник.
Во Велес со голем процент, успешно се спроведува имунизацијата. Децата од претшколска возраст се опфатени со 97, додека кај децата до 18 години возраст има процент од 99 отсто. И додека во други делови на Македонија имаме отпор кон ХПВ вакцината, кај нас оваа година таа ја реализиравме кај девојчињата на 12 годишна возраст со високи 94 проценти. И морам да кажам дека секаде сме одлично прифатени, без оглед дали е тоа македонска, албанска популација, вработени, невработени, степен на образование. Зад овие високи проценти се стотици километри изодено пат, многу предавања, советувања, постојано сме на терен, во училиштата. Сето тоа покажува дека функционира и дека може да имаме висок одѕив на населението – изјави д-р Пандели Божиков д Диспанзерот за вакцинирање при ЈЗУ Медицински центар Велес.
Дури 99 отсто на децата од школска возраст од 6 до 18 години се вакцинирани со потребните вакцини за сипаници, заушки, дифтерија, тетанус, детска парализа и туберкулоза, додека 97 отсто од децата до 6 годишна возраст добиле вакцина за хепатит Б, детска парализа, дифтерија и тетанус. Овие податоци ги ставаат во врвот децата од велешко, заедно со општините Градско и Чашка, како лидер во земјава по вакцинација и здравствена заштита. Оваа акција на имунизација ја организира министерство за здравство, преку превентивните служби на Медицинските центри во општините.
Tweet |