Петар Печков
Објавено: четврток, 08 ноември 2012
Велешани си ги бараат манипулативните трошоци од ЕВН-ЕСМ, кои таа пред неколку години незаконски им ги наплаќала. Поради ова корисниците навалија, кај велешки адвокат да си ги вратат овие пари, кои се во висина од шест денари од сметка. Или за три месеци вкупно 18 денари.
Не им опростувам. Без оглед што се шест денари за три месеци тоа се 18 денари. Колку толку ама мои се, затоа си ги барам. Штом државата пресудила, зошто јас да ги сожалувам овие газди. Тие знаат и за денар да тужат. Затоа си ги барам – вели велешанец кој чекаше пред канцеларијата на адвокатот за да ги приложи трите сметки кои се валидни и по некое време да чека ЕВН ЕСМ да му ги пребие преку сметките за струја.
Комисијата за заштита на конкуренцијата одлучила дека наплаќањето на манипулативен трошок во периодот од 2005-та до февруари 2008-та е незаконски. Таа дала забрана за наплата но ЕВН продолжила со таа пракса. Се жалела до Врховен кој ја отфрлил, по што одлуката дека наплатата за овој период е незаконска е валидна. Останаа само овие три месеци декември 2007-ма и први и втори од 2008-ма, бидејќи останатите застареа. Потрошувачите дознале и еве за овој месец дена повеќе стотина велешани ја искористија можноста да си ги вртат парите – вели Бојан Манев адвокатот пред чија канцеларија имаше редица од велешани. За да ја остварат оваа можност тие треба да ги донесат сметките за овие три месеци и лична карта.
Tweet |