Петар Печков
Објавено: петок, 03 мај 2019
Секој прв петок, после Велигден кога илјадници велешани масовно го посетуваат, повторно оживува манастирот Св.Димитрија. Овој ден во православниот календар запишан како Источен петок - Балаклија е патрон на градот и на манастирот, ден кога се чествуваат светите води. Тоа е повод два дена, четврток попладне и петок многу народ да дојде и запали свеќа за здравје во овој храм.
Имам седумдесет години идам од кога паметам за себе и ќе доаѓам се додека ме служи здравјето. Ова е голем празник за велешани, за храмот, за сите нас. Оставам аманет младите да го чуваат и негуваат, бидејќи верата го одржала овој народ со векови - вели Стојна Николова, која заедно со нејзините сосетки испешачила многу пат за да стигне до храмот, но сите тие не се жалат на изоденото, бидејќи им било задоволство да се сретнат тука со пријателки со кои одамна не се виделе.
За гостите на славата на Манастирот Св. Димитрија, домаќинките Оливера Здравева и Вера Димовска, вечерва подготвија јанија со јагнешко.
Источен петок Балаклија е верски празник посветен на „животодавниот извор“ (или изворот што живот дава) чија сила ја почувствувале не само христијаните туку и други верници. Затоа тука многумина доаѓаат со надеж за спас и верба дека лошите сили ќе бидат истерани.
Манастирот има интересна историја, бидејќи пет века бил затрупан по земја, за да биде сочуван од османлиите и во 1820 откако на сон му се јавил на еден воденичар, Петар Здравев повторно ја види светлината на денот. Затоа велешани со гордост и љубоморно ја чуваат оваа традиција, масовно го посетуваат манастирот.
Но освен него преполни со посетители и верници овие два дена се и неколкуте црквички и параклиси, изградени тука на стрмните карпи Св.Никола, Св.Недела, Св.Петка, Св. Јован.
На овој ден, Митрополитот Повардарски Агатангел, во манастирот „Св. Димитрија“, во сослужение со свештенството од велешкото намесништво, во предвечерјето на празникот чиноначалствуваше со Вечерната Богослужба, а на самиот ден се отслужи Света Божествена Литургија.
фото Повардарска Епархија на МПЦ-ОА
Tweet |