Петар Печков
Објавено: вторник, 06 јуни 2023
По дваесетти јубилеен пат, најдобрите дипломирани инженери се здобија со престижното признание Инженерски прстен. Во организација на Инженерската Институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.
Инженерски прстен добија уште 12 нови дипломирани студенти. Меѓу нив и велешанката Вероника Стојановска, Ова признание досега го добиле 214 најдобри студенти од инженерските професии. Таа има завршено Технолошко - металуршки факултет при УКИМ со просек 9,84.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски им порача на носителите на Прстенот дека „Признанието има цел да ве мотивира да се стремите кон извонредност. Императив во животот е постојано да се надградувате, да ги унапредувате своите технички знаења и дигитални вештини, да ги ширите вашите видици. За да бидете успешни во новите комплексни, динамични и софистицирани услови креирани од дигиталната револуција, вие не можете да се потпрете само на знаењето и на технологијата. Неопходен е и нов начин на работа и за вас и за компаниите за кои ќе работите или кои можеби сами ќе ги основате. Затоа е нужно, час поскоро да се вклучите во иновациските екосистеми за многу полесно да го најдете вашето место во Индустријата 4.0. Инженерскиот прстен е потсетник за вашата обврска да не отстапувате од високите професионални и етички стандарди на струката. Инженерски еквивалент на Хипократовата заклетва е таканаречената Архимедова заклетва, што подразбира одговорно користење на знаењата и на вештините за општото добро, водејќи сметка, меѓу другото и за квалитетот на животот на луѓето и за заштита на животната средина“- кажа Пендаровски.
Грбот на златниот инженерски прстен претставува круна од дабови лисја на чиј што врв е вграден знакот на Инженерската институција на Македонија. Дабовите лисја во македонската традиција се симбол на чест и достоинство на имателот. Ѕвездата на Инженерската институција на Македонија го симболизира знаењето и синергија на сите инженерски дисциплини.
Станува збор за уникатно признание во регионот и пошироко, што преку наградување на најдобрите дипломирани студенти овозможува да се промовира инженерството и науката како стожери за развојот на општеството. Истовремено, овој чин ја нагласува елитноста што треба да ги поттикне младите кон професионално усовршување, насочувајќи ги кон истражувања, развој на иновативна мисла и претприемништво.
Tweet |