речник контакт

Велешанката Ангела Арсова докторски кандидат во Копенхаген

Истражува рецептори за нервни клетки

Петар Печков

Велешанката Ангела Арсова, која е докторски кандидат по Фармакологија и молекуларна биологија, на Универзитетот Копенхаген во Данска, е признат научник кој објавува научно истражувачки трудови во престижни светски списанија и истражува во најсовремени лаборатории.

Факултет завршила во Амстердам, но кога слушнала дека во Копенхаген се прават истражувања во полето на фармакологија и неврологија посакала да биде дел од тимот. За среќа успеала да добие стипендија и сега го живее својот сон. Со неа разговараа од Факултети мк.  за нејзината научно истражувачка работа, но и за вакцините. 

Докторски кандитат сте по Фармакологија и молекуларна биологија, на University of Copenhagen во Данска. Како се организирани докторските студии на ваков престижен универзитет, какви можности се отвараат пред Вас?

University of Copenhagen е навистина една престижна институција каде што големо внимание се обрнува на научниот кадар (професори, асистенти итн.), како и на организацијата на лекциите каде што покрај теоретскиот материјал учениците се исто така изложени и на доста практични задолженија. Јас, како докторски кандидат, сум задолжена секоја година да предавам одредени предмети, да одам на предавања, и да истражувам во врска со мојот проект. Покрај тоа секоја година задолжително одам на конференции каде што се запознавам со научници од други универзитети и взаемно споделуваме искуства преку постер презентации. Мислам дека после моите докторски студии ми се отвораат многу можности во полето на науката гледајќи на фактот дека за ова време стекнав огромно научно знаење како и контакти во моето поле. Наредната година ќе го посетам Monash University of Melbourne со цел да правам истражување на мојот проект како дел од колаборација помеѓу мојот професор нa University of Copenhagen и истражувачката група во Австралија. Секако тоа ми дава една добра прилика да работам на моето истражување со врвна истражувачка група, а и се надевам истото да резултира во еден научен труд кој се спремаме да го испратиме во еден од научните журнали. 

 

Беше ли тешко да се влезе во програмата за докторски студии и зошто го избравте токму овој универзитет за ваше професионално напредување?

Докторските студии во Данска се случија малку спонтано, без преголемо планирање. Пред да се преселам во Копенхаген живеев во Амстердам каде што ги завршував постдипломските студии, а во меѓувреме правев истражување на Vrija Universiteit Amsterdam како дел од една доста престижна група во моето поле од интерес. Преку неколку состаноци со мојата менторка во Амстердам слушнав дека постои група во Копенхаген која прави истражувања во полето на фармакологија и неврологија. Од секогаш сум била премногу заинтересирана во функционирањето на нервниот систем, па оваа прилика ми изгледаше доста привлечно. После кратка комуникација со професорот од Копенхаген, решивме заедно да аплицираме за грант за докторски студии со времетраење од три години и бев пресреќна штом дознав дека сме го добиле. Данска е многу добро тло за научни истражувања поради тоа што има голем број на фондации кои поддржуваат проекти од областа на фармакологијата. 

 

Науката со која се занимавате, фармакологија и молекуларна биологија нуди многу можности за научно-истражувачка работа. Може ли поточно да ни кажете што истражувате во моментов?

Мојата специјалност во фармакологијата се одредени рецептори кои ги имаме насекаде во човечкото тело, но специфично во моментов изтражувам рецептор кој се наоѓа на нервните клетки и неговата проеметена функција е дел од причините за развивањето на патологии како шизофренија, анксиозност и зависност. Бидејќи работам на одделот за фармакологија и дизајн на лекови, мојот проект вклучува неколку молекули кои ги истражуваме како потенцијални третмани за горенаведените болести. Овие молекули ги истражувам преку различни видови на експерименти изведени на клетки кои што ги одгледуваме но нашата лабораторија. 

 

На кој научно-истражувачки проект сте особено горда како научник?

Можам да кажам дека досега сите проекти ми се драги, но посебно задоволство ми претставуваше публикацијата на резултати од сегашниот проект во доста престижен научен журнал, Scientific Reports, кој е дел од широко познатиот журнал Nature. 

 

Каде стои Македонија во однос на науката која имате можност да ја изучувате во Данска?

На ова прашање не можам да оговорам со прецизност бидејќи високото образованите го завршив во Амстердам што значи дека не сум посетувала ниту еден македонски универзитет. Сепак, колку што сум информирана во моментов во Македонија не постои истражување во мојот дел од науката. Најголем фактор за тоа е потребата од голем дел на финансии бидејќи истражување од овој вид не може да се изведе без одреден буџет. Причината за ова се многубројните експерименти, машини и реагенти кои што можат да чинат и неколку илјадници евра.

 

Вработена сте во The Department of Drug Design and Pharmacology, оддел кој е дел од Факултетот за медицински науки. Што конкретно работите таму, како изгледа вашиот работен ден?

Работната култура во Данска е доста релаксирана во поглед на работно време, така да секој работен ден зависи од моето планирање во врска со поставените цели за проектот. Од нас се очекува да работиме 37 часа неделно но тоа ретко се случува бидејќи обично работиме подолго; на пример доста често морам да одам во лабораторија за време на викенд. Мене лично тоа не ми претставува никаков проблем бидејќи мојот проект е мое достигнување и не го гледам како некоја должност или оптеретување. Најголемиот дел од времето изведувам експерименти и ги анализирам резултатите, а понекогаш и предавам на универзитетот. 

Што би им порачале на младите во Македонија од аспект на научник кој има можност да учи и напредува на добар странски универзитет?

На младите во Македонија би им препорачала да си ја најдат својата пасија и да не се откажуваат од неа бидејќи многу работи се возможни кога човек искрено е посветен на нешто. Така и мојата пасија за поквалитетна едукација во моето поле беше најголемата причина за моето заминување во странство. Како и многумина средношколци и јас бев ученик во велешката гимназија каде што ми се роди желба за биомедицината и решив да аплицирам за студии во Амстердам, каде што мојот услов за започнување на студиите беше добивањето на стипендија бидејќи инаку финансискиот товар би бил преголем. За среќа успеав да добијам стипендија и едноставно змаинав, колку и нестварно тоа да изгледаше тогаш. Со тоа сакам да кажам дека ништо не е невозможно, битно е да веруваш во себе и да не се откажуваш. Знам и верувам дека во Македонија има многу бистри умови чија креативност би била добредојдена во науката.

Како иден доктор по фармакологија, каков е вашиот став во однос на вакцините? Во светот, па и во Македонија почна често да се отвара прашањето и дилемите околу квалитетот на вакцините и последиците од нив, па многу родители се одлучуваат да не ги вакцинираат децата? 

Една од причините зошто животниот век на денешницава е 70-80 години (а не 30-40 години како во минатото) се вакцините. Во минатото луќето умирале од болести кои што сега нам ни се смешни, како на пример хепатитис. На пример, гласините дека вакцините предизвикуваат аутизам се само мит и се базирани на научно истражување кое што беше публикувано во 1998 година за потоа да биде повлечено поради неточните информации. Покрај тоа, ниту една научна група во светот до денешен ден нема докажано дека постои било каква врска помеѓу вакцинација и аутизам. Целата таа мисконцепција за вакцините се базира на неукоста на медиумите и многу луѓе кои едноставно не знаат да читаат научни трудови. На пример, кога би правела таква животна одлука за моето дете сигурно не би ја базирала на статија од дневен весник. Според мене сите родители кои се одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца ги подложуваат на огромен ризик кој поскоро или подоцна може да ги загрози нивните животи. Јас лично не сум воведена во иновацијата на вакцини но секојдневно сум во пресрет на научници кои работат на тоа поле. Тоа се научници кои што не се поврзани со никакви фармацевтски компании туку независно ги истражуваат вакцините чисто само поради љубов кон науката. Така да тие луѓе, исто како и јас, немаат никаков профит од нивните истражувања освен тоа што доаѓаат до едно доста значајно откритие за човештвото. Во поглед на тоа мислам дека е фер да се каже дека овие луѓе немаат намера да објавуваат невистини и лаги во врска со вакцините.

Текстот и фотографиите се преземени од:  http://www.fakulteti.mk/

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »