Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 мај 2024
Награда за најдобра споредна женска улога на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) ја доби Лана Басаров за улогата Лана во претставата „Тивки жртви“ во изведба на МДПЦ „Премиера“ од Велес.
Младата Лана има 15 години и таа посетува часови во Младинското драмско студио „Премиера“ од Велес. Претставата е работена по сценарио и режија на Анита Станинова Мирчева.
Претставата е за тивките жртви кои се борат со осудувањето од околината.Тие сакаат да живеат во свет со разбирање и љубов, свет без булинг, исмевање и агресија.
Одлуката за наградата ја донесе жирито во состав Пеце Ристевски претседател и режисерите Ненад Витанов и Елеонора Теова членови на комисијата, како и Владимир Тулиев претседател на управниот одбор на ДАФ.
На годинашниот 61 Фестивал на дрмаските аматери на Македонија, беа селектирани 16 претстави и се одржа од 20 до 26 мај во Кочани. Меѓу нив беа и „Тивки жртви“ на Младинското драмско студио „Премиера“и претставата „12-та ноќ“ на велешките гимназијалци.
Награда во категоријата за претстава за деца и младинци ја доби „Валентајн, не благодарам“ во изведба на „Прва проба“ од Скопје. Наградата за главна женска улога ја доби Веда Мавровска за улогата Живка во претставата „Сомнително лице“ во изведба на Театарската школа „Бабец“ од Битола, а за главна машка улога – Драгослав Бранковиќ за улогата Санда Аризановиќ во претставатa „Аризани“ во изведба на Аматерскиот театар „Прокупље“ од Прокупље.
Tweet |