Петар Печков
Објавено: среда, 30 јануари 2019
Велешанката Магдалена Тодоровска настапи изминатиот викенд на концертот „Ѕвезди на Романсијада“. Концертот се одржа во Големиот Кремљски Дворец во Москва а Тодоровска настапи како единствен претставник од Македонија. Концертот традиционално се одржа повод Меѓународниот ден на руската романса. Тодоровска е студент на четврта година -отсек соло пеење во класата на Ана Дурловска на ФМУ при УКИМ Скопје.
Магдалена на нејзиниот ФБ објави дека е пресреќна од овој светски настап во Големиот дворец во Кремљ. На концертот била придружувана на пијано од Елена Силјановска, која е корепетитор на Македонската Опера и Балет во Скопје. Таа за својот настап искажа голема благодарност кон професорката Ана Дурловска и пијанистката Силјановска, како и Танцовото шоу „Валери“ од Москва кои со својата кореографија го збогатиле нејзиниот настап.
Магдалена упати голема благодарност и до Амбасадата на Русија во Македонија и ЛУКОИЛ Македонија кои и помогнале да замине на овој настап во Москва.
Настапот на Магдалена Тодоровска во Дворецот Кремљ во Москва е резултат на освоеното првото место на натпреварот „Балканска романсијада”, кој на 11-ти ноември се одржа во Рускиот Културно информативен центар во Софија. Таа настапи заедно со 15 други учесници од исто толку држави.
Tweet |