речник контакт

Велешка традиција што трае повеќе од еден век

Чалгијата го одушевила и султанот

Петар Печков

Чалгаџиите свиреа и кога другите плачеа, а на звуците од нивните предци не останал рамнодушен ни султанот, раскажуваат велешани.

Додека крај пресниот гроб сите плачеа, ние свиревме за последен поздрав на нашиот виолинист Ало Тончов, оти таков аманет ни остави - на погребот да му свири чалгијата, раскажува Перо Асанов, еден од четворицата велешки чалгаџии што ја продолжуваат вековната традиција. - Чалгијата постои повеќе од сто години и е едно од обележјата на градот.

За чалгијата своевремено чул и турскиот султан, по што ги повикал да му свират и бил одушевен од тоа што го слушнал - раскажува Асанов. Песните што народот ги создавал и со нив опстојувал, велешани и денес со задоволство ги слушаат, благодарение на чалгијата, која работи во рамките на Вокално-инструменталниот ансамбл „Распеани велешани\". Традицијата ја продолжуваат Перо Асанов, кој свири на џумбус, Блаже Миневски, на кларинет, С\'тки Мечев, на виолина, и Трајче Симонов, на дајре. Асанов во чалгијата свири повеќе од 50 години. Тој ја продолжува и семејната традиција, исто како и С\'тки Мачев, чии предци биле едни од основачите на чалгијата.

Според историчарите, чалгаџиите во Велес се појавиле кон крајот на 19 век, кога почнала да се создава граѓанската класа. Песните што низ времето се создавале денес се сметаат за традиционални, а велешани се гордеат на „Кажи, кажи Миневер\", „Што ми е мило ем драго сејмен да шетам низ Бузаана\", „Што ми е мило ем драго на Којник дуќан да имам\", „Деј мори Васе...\". Тие се само мал дел од чалгаџискиот репертоар. Песната е за веселите моменти, но се пеела и кога е најтешко.

Велешани паметат кога чалгиите свиреле и на погребот на еден од нивните членови. - Последна ж?лба на Ало Тончов, кој свиреше на виолина, беше да му свириме на погребот. Неговиот аманет го исполнивме. Иако сите плачеа, а и нам солзите ни беа во очите, моравме да свириме - се присетува Асанов. Тој вели дека се почесто ги бараат и дека скоро и да нема велешка свадба и радост без нив.

Нивните песни се на плочи, цедиња и на многу радиоснимки, заедно со „Распеани велешани\". Сограѓаните ги паметат кога пееле заедно со Васа Пласкиева, но, за жал, малку од тие изведби се зачувани. Тие настапувале скоро во сите републики од поранешната СФРЈ, а лани нивната музика ги воодушевила жителите и туристите во Пула, Хрватска.

- Не радува што повторно не бараат за различни пригоди. Особено не радува тоа што и младите не слушаат. Тоа значи дека традицијата ќе продолжи - вели С\'тки Мачев. Велешките чалгаџии се добитници на повеќе признанија за својата работа. Две години едноподруго победуваат на двата фестивала на традиционална народна музика во Охрид и во Битола.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »