Петар Печков
Објавено: среда, 23 декември 2020
Велешката Библиотека „Гоце Делчев“ издаде три аудио книги за деца и лицата со попреченост во видот. Издадени се „Сон на тркала“ од Стојан Тарапуза, „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски и „Грдото Пајче од Ханс Кристијан Андерсен. Издавањето на овие аудио книги е финансирано од Министерството за култура.
Со оглед на светската пандемија со корона вирусот , библиотеката заклучи дека се зголемена побарувачката за аудио книги и пристапи кон збогатување на одделот со аудио книги.
Следејќи ги трендовите на модерниот живот, аудио книгата зема се поголем замав. Поради темпото на живот , луѓето се повеќе се насочуваат кон слушање на книги во автомобил додека патуваат, при рекреативни активности. Затоа реализацијата на овој проект има големо значење не само за слепите лица, туку и за целата популација. Иако проектот на онлајн аудио изданија започна со скромни очекувања, кога започна снимањето на првите аудио книги, денес може да заклучиме дека очекувањата се повеќекратно надминати - кажа Гордана Васкова, в.д. директор на библиотеката. Тие досега имаат издадено 17 аудио книги.
Таа вели дека локалната библиотека од Велес е единствена од локалните библиотеки во државата која има оддел за слепи читатели со аудио книги и книги со Брајово писмо. Деновиве ги добиле деветте нови книги со Брајово писмо кои ги издало Здружението за слепи лица од Велес, финансиски помогнато од Општина Велес.
Отпечатени се „20.000 милји под морето“ од Жилн Верн, „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс, „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски, „Гроб за душата“ од Живко Чинго, „Чија си“ од Сашо Насев, „Милион маченици“од Ристо Крле, „Дилбер Стана“ од Столе Попов, „Дружината братско стебло“ од Јован Стрезовски и „Островот со скриеното богатство“ од Роберт Стивенсон.
Овие книги се за лица со попреченост во видот. Досега Здружението на слепи лица од Велес издало 47 книги пишувани со Брајово писмо.
Tweet |