Петар Печков
Објавено: среда, 08 април 2026
Велешката болница, за 7-ми април Светскиот ден на здравјето, со двојна содржина. Вчера нивните екипи мереа крвен притисок и присуство на шеќер во крвта а денес, среда ги претставија ново набавените апарати во институцијата.
„Ги промовиравме ново набавените апарати годинава и лани. Тоа е опрема од исклучителна важност, посебно во дијагностицирањето, превенцијата на одредени заболувања. Дел од опремата се користи и за третман на пациентите. На овој начин сакаме да ги запознаеме пред се жителите од велешко, дека ќе имаа пристап до нови современи апарати а во интерес на нивното здравје“ – кажа директорот Александар Бузалков.
На нервното одделение е набавено ЕКГ и перфузер, на Рендген одделението набавен е нов дигитален рендген апарат и дексаскен –дензинометар, како и новиот ултразвучен ехо апарат на Интерното одделение.
Наскоро ќе биде ставена во функција новата опрема на Очното одделение каде ќе се применува фако методата за операција на катаракта. На промоцијата присуствуваше и заменикот министер за здравство Јовица Андовски, кој им го честиташе Светскиот ден на здравјето на здравствените работници од ЈЗУ Општа болница Велес и на менаџментот на успешната работа и добрата визија за иднината.
„Вкупните вложувања во новите апарати се околу 24,5 милиони денари, дел од сопствени средства на болницата, дел од Министерството за здравство и Фондот за здравство. Со овие нови апарати ќе се зголеми квалитетот и квантитетот на здравствените услуги кои ги пружаат лекарите за жителите не само на Велес туку и поширокиот дел од регионот. Операциите со новите инструменти ќе ги извршуваат двајца врвни реномирани доктори од Скопје и тука ќе се извршуваат операции не само за пациенти од регионот, туку и пошироко. Така ќе се намали притисокот во Скопските болници и клиниките“ – рече Андовски.
„Добивме апарат дензинометар, за мерење коскена густина, разграничување меѓу нормален наод, остеопенија и остеопороза. Битен е за да се почне со навремена терапија. Коскената густина се мери на две места, рбетниот столб посебно лумбален дел и торакални лумбални пршлени и за колкови. Прегледите ќе се обавуваат преку мој термин“ – изјави интернист д-р Елена Ќулумова, началник на Интерно одделение.
На прашањето како велешката болница се справува со недостаток на доктори специјалисти на одредени одделенија, директорот Бузалков изјави:
„Сите одделенија функционираат, таму каде што Законот за здравствена заштита дава можност, најчесто од клиниките од Скопје ангажираме доктори специјалисти. Имаме 28 специјализанти, од сите области. Тие се во различна фаза на специјализација, очекувам до крајот на годинава двајца да станат специјалисти, следната повеќе. Така што очекувам дека за скоро време ќе се екипираме“ – одговори Бузалков.
Дополни дека работат со Министерството за здравство и Министерството за финансии да добијат одобрение за вработување на како што рече „среден“ персонал, медицински сестри, болничари, физиотерапевти, лаборанти.
| Tweet |









