речник контакт

Велешката почва, отров за луѓето

Велешката почва е енормно загадена со тешки метали, олово и кадмиум, покажуваат резултатите од испитувањето спроведено пред еден месец од стручњаци на Природно –математичкиот факултет од Скопје.

Петар Печков

Хемиската анализа на  земјата од двата  парка  Градскиот и Младинскиот дала поразителни податоци за присуство на двата метали, кои се опасни по здравјето на луѓето. Во најплиткиот слој земја во Младинскиот парк, омиленото место за забава и игра на велешките деца,  средни вредности на  кадмиумот се 15 пати повисоки од максимално дозволените а кај олово четири пати повисоки и тие ги надминуваат црвените критични гранични вредности, додека тие во Градскиот парк се за малку пониски но споредбено со дозволените се  енормно високи.

Мора под итно нешто да се преземе, велешани не смеат да бидат во контакт во ваква почва. Состојбата не е загрижувачка, туку ургентно алармантна со присуство на најотровните тешки метали.  Максимално дозволените светски граници за нас не значат ништо, бидејќи овдешните резултати далеку ги надминуваат и тие се катастрофални. Нивното присуство на длабочина до 20 см покажува дека потеклото е резултат на триесетгодишното работење на Топилницата која произведуваше токму олово и цинк. Професорите кои ја изработија оваа анализа препорачаа дека мора итно да се отстрани заканата по здравјето на 50 илјади велешани – изјави д-р Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора на прес конференцијата на која беа објавени резултатите од анализата на почвата работена на 10-ти септември годинава.

Застрашувачки се резултатите добиени на одредени локации каде кадмиумот го има со 19, 7 наспроти дозволените 0,8 мг/кг а оловото  589 наспроти 85 мг/кг. Со овие нови  добиени податоци ЕД Вила Зора ќе ги запознае и Министерството за здравство, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделие. Тешките метали преку ланецот на исхрана, почва, зеленчук, храна, стигнуваат до организмот на човекот.

Оловото според докторите се складира во коските, крвта, бубрезите и е опасно за човековото здравје а посебно штетен е кадмиумот кој е канцероген елемент кој најмногу влијае на гастро-трактот.  Еминентни стручњаци од Републичкиот Завод за здравствена заштита и Клиничкиот Центар во Скопје две години 2004/6 работеа на проучување на здравствена состојба на велешани, проект финансиран од Владата. Во него како финален заклучок наведено е  дека постои евидентен здравствен и еколошки ризик, тоа е загаденоста почвата, кој мора да се реши. Во решавањето треба да се вклучат надлежните Министерства и локалната власт.

 Во Велес треба да се санираат јавните  површините во училиштата и детските градинки, игралиштата  и кругот на овие институции. Треба да се смени почвата, тревата, земјата, песокот, да се засадат дрвца, цвеќе. Министерствата за земјоделие, за животна средина и локалната самоуправа заеднички треба да работат почвата да се исчисти. Тоа не може преку ноќ, туку со континуирана акција во подолг период. На градот му треба повеќе зеленило.  Значајна е хигиената, посебно  кај машките каде   имаме повисоки вредности  на присуство на тешки метали отколку кај девојчињата, бидејќи тие играат со земја, која е загадена. Затоа апелирам  училишните деца  често да се мијат раце – вели д-р Михаил Кочубовски од РЗЗЗ кој заедно со повеќе негови колеги го има извршено испитувањето.

 

Студијата во 2001- 2003-та покажува зголемени вредности на оловото во крвта кај велешани. Во 2004-тата, кога Топилница не работи има големи отстапувања, нема високи вредности. Во 2005-та има повторно поголемо присуство на олово во крвта, што значи дека проблемот опстојува и тоа преку загадената почва, заклучуваат експертите. Олово и кадмиум  во крвта има повеќе кај пушачите и кај нивните деца, кај нив има зголемени вредности.

Неутврдените загуби на тешките метали при процесот на производство во Топилницата од 1973 до 2000-тата  изнесуваат  70 илјади тони цинк, 55 илјади олово и 1,3 илјади тони кадмиум, кои комбинатот ги ,,дарувал,,  на Велес,  на  еко- системот и околината.

Тридецениското емитирање на тешки метали предизвикаа голема контаминација на продуктивната почва во велешко. Резултатите покажуваат дека апсорпциониот капацитет на земјата за прифаќање на ново количество тешки метали е на гранично ниско ниво. Почвата е чувствителен медиум, важен природен, социјален и економски ресурс – вели д-р Симеон Јанчев од Техничко – технолошкиот факултет од Скопје,  при неговото истражување на квалитетот на почвата во велешко кое покажа дека земјата е ,,пребогата,, со олово и кадмиум.

За решавање на овој проблем работеа стручњаците на шпанската  „Ептиса“ проект финансиран од фондовите на ЕУ кои пресметале дека е потребно да се отстрани земјата во велешко во длабочина од 50 см на јавните прометни површини со вкупни 23 хектари за што се потребни 2,4 милион а за фиторемедијација на земјоделските 80 хектари површина потребни се 1,7 милион евра. Токму со овој процес на отстранување на тешките метали од почвата преку одгледување на земјоделски култури, локалните власти од општина Велес ќе се обидат да започнат со чистење на јавните површини во градот.

Од есенва ќе започнеме големо и масовно засадување на рози на јавните површини во градот. Тоа со сопствениот коренов систем ќе ги апсорбира тешките метали и така ќе ај деконтаминира почвата а воедно градот ќе добие поубав  естетски лик. Ова е исклучителен проект со кој самиот град започнува да ја чисти почвата на парковските површини – изјави Горан Петров градоначалник на Велес.

Тој напомна дека е ова е партнерски проект со граѓанскиот сектор, со ЕД Вила Зора, при што ќе бидат засадени 5 илјади рози а финансиски е поддржан од Швајцарската амбасада во Македонија со 6 илјади евра. Засадувањето  на розите се најавува за есенва.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »