Петар Печков
Објавено: четврток, 07 мај 2020
Театарот „Јодан Хаџи Константинов – Џинот“, Велес го најавува како што самите велат „пионерскиот интернет проект „Тој и Таа“, производ на културата во време на физичка изолација, единствен од својот вид, настанат преку вмрежување на интернет платформите и перформативноста„. Предвидени се дванаесет епизоди кои театарот еднаш седмично, во ист термин, почнувајќи од сабота, 9-ти мај во 20 часот ќе ги поставува на својата официјална веб страница www.teatarveles.mk.
Овој уникатен проект, продукција на велешкиот театар, е уметнички одговор на кризата, производ на културата во вирусна состојба чија цел е преку максимално користење на комуникацијата која ја овозможува интернетот да се истражува изведбеноста во нестандардни облици - соопштија од театарот.
Од технолошки аспект, проектот е изведен на тој начин што пробите се изведуваат „онлајн“, потоа, актерите се снимаат себеси (најчесто со своите мобилни телефони) и на крајот, во процесот на монтажа, се обликува видео дијалогот. Приказната ја носат шест парови чии меѓусебни односи интермедијално се поврзуваат во единството на карантинската приказна.
Режијата на проектот ја потпишува Деан Дамјановски, драматургијата Сашо Димоски, а видеодизајнот и монтажата Филип Коруновски. Во проектот учествуваат актерите: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.
Tweet |