Петар Печков
Објавено: сабота, 24 март 2018
В четврток, на 29 март, велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот“ гостува во Бугарија со претставата „Синиот портокал“ , информираа од оваа институција. Текстот е на Џо Пенхол, режија на Александар Ивановски. Претставата ќе се одигра во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија.
Во претставата настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски. Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката е Сашко Костов.
„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, за застарените методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат своите пациенти без седативи. Во време на глобализација кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа претставата топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација.
„Синиот портокал“ е претстава со над 30 изведби на репертоарот на театарот. Гостуваше во Центарот за култура во Радовиш, фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Скопско лето“, Македонското културно лето во Албанија, фестивалот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, на фестивалот „Ин Виница веритас“ во Виница.
фото: Владимир Јосифов
Tweet |