Петар Печков
Објавено: четврток, 01 октомври 2020
Велешки театар од вчеравечер започна со одигрување на претстави од редовен репертоар. Со синоќешната изведба на „Сестрите Прозорови“ по седум месеци пауза, повторно е активна сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Согласно препораките на Владата под кои услови можат да се одржуваа театарските претстави, со исполнетост од 30 отсто, на синоќешната претстава која се одигра на сцената од големата сала, беа продадени 30 билети. За време на претставата задолжително е носење на заштитни маски од страна на гледачите.
Претставата „Сестрите Прозорови“ е во режија на Васил Зафирчев и адаптација на Сашо Димоски, настапуваат актерите Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.
Веќе петок вечер е следната претстава со 60-та изведба на „Синиот портокал" од Џо Пенхол, по драматургија на Катерина Момева, во режија на Александар Ивановски а играат Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.
На репертоарот до крајот на месец октомври велешки театар објави дека ќе се одиграат шест претстави со по два настапи. Освен двете веќе споменати, на репертоарот се „Театар љубов моја“, „Злосторство на 21 век“, „Свадбата“ и „Слуга на двајца господари“.
Tweet |