Петар Печков
Објавено: среда, 02 октомври 2019
Со најновата хит комедија „Одам на лов“ од францускиот автор Жорж Фејдо, во режија на Деан Дамјановски, Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, Велес ќе настапи на фестивалите „Денови на комедијата“ во Куманово и „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Сабота, на 5-ти октомври, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, со почеток во 20 часот претставата ќе биде изведена во рамките на 22-то издание на фестивалот „Денови на комедијата“. Додека пак на 11-тото издание на фестивалот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, театарот ќе настапи во недела, на 6-ти октомври во Центарот за култура со почеток во 20 часот.
„Одам на лов“ е втора продукција на Велешкиот театар од Програмата за 2019 година поддржна од Министерството за култура. Станува збор за комедија на вонбрачни заплети во која двајцата сопружници (парот Дишотел) решаваат, секој одделно, да направат брачна изневера. Но, сплетот на околности е таков што и пред двајцата се испречуваат мноштво пречки кои им пречат да ги остварат своите намери, со што влегуваат од една во друга комична ситуација.
Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Фаик Мефаилоски, Васил Зафирчев, Самоил Стојановски, Жарко Спасовски, Кети Борисовска, Талија Настова и Исидор Јовановски. Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Елена Вангеловска, а изборот на музиката на Горан Трифуновски-Пајак.
Tweet |