Петар Печков
Објавено: среда, 13 септември 2023
Велешкиот театар е учесник на Фестивалот „Сцена на крстопатот“ кој се одржува во Пловдив Бугарија. На програмата се 11 претстави меѓу нив и две во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ - „Едвард Втори“ и „Нема струја за електричен строј“.
Претставите ќе бидат одиграни на 14 четврток и 15 септември петок. Претставата „Едвард Втори“ на украинскиот режисер Андреј Жолдак ќе ја има бугарската премиера, бидејќи таа е копродукција со театарот од Пловдив.
„Поврзувањето со вакви културолошки топоси, како што е театарот до Пловдив, за нашиот театар значи вмрежување во односи кои се мошне значајни за развој на театарот. Но тоа значи и пласман на нашите продукции на фестивали во странство„ - кажа Сашо Димоски, директор на велешки театар.
На програмата ќе биде прикажана и претставата „Нема струја за електричниот строј“ во режија на Дејан Пројковски која е работена по текст од бугарскиот автор Александар Секулов. Во двете претстави игра актерот Васил Зафирчев.
„Фестивалските настапи значат проверка пред публика од други географски одредници, на тоа што ние го создаваме. Пред публика која има поинаков хоризонт на естетско и емоционално очекување“ - рече Зафирчев.
Фестивалот нема натпреварувачки карактер а гости освен од Македонија има и од Грција. Соработката на театарот од Пловдив и велешкиот театар започна минатата година со учеството на Бугарите на фестивалот на античка драма Стоби со претставата „Одисеј“.
Tweet |