речник контакт

Велешкиот Градски саат

Секоја вечер околу 20 часот, Ѓоре Саздовски го отклучува старото дрвено вратниче и по повеќе од двестотината дрвени скалила тој се искачува на врвот од велешкиот Градски саат, за да го навие и оспособи за работа за наредните 24 часа.

Петар Печков

Секоја вечер околу 20 часот, Ѓоре Саздовски го отклучува старото дрвено вратниче и по повеќе од двестотината дрвени скалила тој се искачува на врвот од велешкиот Градски саат, за да го навие и оспособи за работа за наредните 24 часа. Без оглед какво е времето, тој секоја вечер е тука за да му даде живот на стариот часовник, кој има повеќе од три и половина века живот.

\"\"

- Градскиот саат го одржувам од 1990 година а претходно пет години одев и го учев овој занает, така што иако сум електричар по струка, станав саатчија. Го навивам и одржувам овие двесетина години а по него велешани се ориентираат и ги дотокмуваат нивните часовници - вели Ѓоре. Објаснува дека негова задача е да ги одржува трите механизми кои служат за мерење на времето, за отчукување на часовите и на механизмот кој го поврзува со камбанаријата. Тие се тука откако овој монументален објект, висок 30-тина метри ја добил оваа функција. За сите овие 200 години на механизмот ништо не е променето, тој е истиот како од турско време. На него се познава и белегот од многуте војници што тука минале, има мала дупка од куршум, кои освојувачите го оставиле како трага, за војните што на овој простор се воделе.

\"\"

- Механизмот е оној истиот, првиот што бил инсталиран од непознат турски часовничар, нема ништо ново вградено. Интересно е што на него нема ниту еден штраф, навртка, мутер, тој е создаден да се состави и размонтира за крато време со чивии. Но е точен, многу точен, го дотерувам по радио времето - вели саатчијата Ѓоре.

\"\"

Градскиот саат велешани ги информира за точното време  со отчукување на секој час и на три минути пред тоа. Еднаш годишно механизмот е на ремонт, се подмачува се освежува за да биде „со добро здравје“. Тоа трае еден ден, по што тој повторно ја добива функцијата да го брои времето на велешани. Нова е камбанаријата која сега е полесна од таа претходната, која била излеана во 1735 година, по стотина години подоцна била замената, која и сега им го отчукува времето на жителите на градот. Нејзиниот звук се слуша во стариот дел на градот, а во летните тивки ноќи го слушаат и жителите од новиот дел на градот. Никој не се жали на неговиот ѕвон, најмалку соседите.

\"\"

- Комшиите  ми го знаат телефонскиот број и ако се случи да не отчука, тие веднаш се јавуваат. Кога ги прашувам нели ви пречи бучавата, тие објаснуваат дека без неа не можат да заспијат, сон не ги фаќа без звукот на Саатот - вели  педесет и седум годишниот Ѓоре Саздовски.



Тој оваа работа да го „курдисува“ како што велешани велат за дотокмувањето на часовникот, го добива на тендер, кој го распишува локалната власт, во чија надлежност е овој културен споменик. Работата Ѓоре ја научил од неговиот дедо,  татко на неговата сопруга Ристо Зинзиров. Во негова чест, кога починал, направена е отстапка, па Градскиот Саат чукал цели петнаесетина минути додека поворката тука минувала со Ристо и кога тој подоцна бил погребан на градските гробишта. Така Саатот се простил од неговиот одржувач.

Пред него во времето на Втората светска воја Саатот го одржувал пушкарот Онче Бунев. Така овој занает се предава од колено на колено.



Од Градскиот Саат пука одличен поглед на стариот дел на градот, пазарот, пругата Скопје - Солун. Изграден е на стратешки значајно место, одлично се гледа Мало мовче, врската на велешани од двата дела на градот.  Познатите седум велешки маала Мегдан, Којник, Прцорек, Сармаале, Соколаана, Бузаана, Јурија, дел од велешката историја, како војник ги чува и од високо ги гледа Градскиот саат. Токму поради тоа бил и изграден, бидејќи неговата  првобитната намена била за стражарска кула во близина на Мало мовче за да може да се гледа движењето на народот во градот. А од него има одличен поглед на сите седум маала.



Во прилог на ова се и трите пушкарници, мали отвори за поставување на пушки,  сите од источната страна на објектот кои се  со поглед кон Мало Мовче, што потврдува дека неговата примарна цел, кога бил изграден во средината на 17-тиот век, била стражарска кула. Ѓоре, ја има таа привилегија, што малкумина велешани можат ја имаат, да се искачи на балконот и од него да го разгледа градот и ужива во ретката глетка, панорама на Велес од Градскиот саат.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »