Петар Печков
Објавено: среда, 07 декември 2011
Велешанецот Ѓ.Ѓ. ( 42 год) доби 15 години затвор за полов напад што ги сторил врз сопствените три ќерки, на возраст од тогаш 3, 5 и 7 години.
Судијката Габриела Гајдова му изрече единствена казна затвор од 15 години иако за трите дела полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години тој доби по 10 години или вкупно 30, кои судот му ги пресмета во една единствена. Во образложението од пресудата судијката кратко рече, дека таа е донесена врз основа на гинеколошките вештачење изведени над девојчињата и на основа на психијатриските вештачења изведени над таткото и неговите ќерки, по што се дошло до заклучок дека тој ги сторил делата за кои се товари.
Истите ги вршел во период од една година од 2009-та до август 2010-тата, пред да биде уапсен, ланското лето. По ова беше прогласен за виновен и донесена пресудата. Ѓ.Ѓ. останува во притвор се до нејзината правосилност.
Овој случај на 25 август лани изби во јавноста кога од извршените разговори со девојчињата, полицијата дознала дека таткото Ѓ.Ѓ. со примена на сила, честопати го извршувал грозоморниот чин, подолг период наназад, во време кога мајката не била присутна дома. Соседите не веруваа во ваквиот случај, бидејќи таткото грижливо се однесувал кон децата и секаде ги носел со себе, не оставајќи ги ни малку сами. Заради заштита на трите девојчиња, целиот случај се одвиваше зад затворени врати и нема многу информации во јавноста.
Претходно со правосилна судска пресуда, одземено му е родителското право на таткото врз трите ќерки. Тие 16 месеци се сместени во згрижувачко дом семејство надвор од Велес.
Оваа пресуда не е единствена која што е изречена во Основниот суд во Велес. Имаше две кои се правосилни а сторителите на педофилија добија по 15 односно по 13 години. Изречени се и четири други казни за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, во кои сторителите добија по осум години затвор.
Tweet |