речник контакт

Велешкиот фејсбук, замина во историјата

На јаворот повеќе нема лепење плакати. Се најавува поставуавање вакви паноа и на други места во градот

Петар Печков

Неколку века стариот велешки јавор, на плоштадот Сармаале  не е повеќе место каде се закачуваат  некролози  за починати или тажен  помен.  Пред јаворот поставени се табли, кои се користат за плакатирање, со што старото дрво конечно е заштитено. Претходно неговата кора се оштетуваше со употреба на различни метални предмети за закачување на хартијата, со што беше доведен во  прашање и неговиот опстанок. 

Бидејќи сите јавори во градот се заштитени  со одлука на општинските власти уште од 1989-тата година одлучивме тоа да го спроведеме во пракса. Поставивме табли каде нашите сограѓани ќе можат да ги закачуваат нивните плакати за жална вест или тажен помен. Така  го заштитивме јаворот од оштетување – изјави Фиданчо Цековски директор на ЈКП Дервен. 

Велешани со децении дрвото го користеа како информативна табла. Тука можеа да прочитаат  кој се заминал  од овој свет.  Ако пред стотина и повеќе години местото било поило за стока, место каде се собира стоката, поради што го добило и името Срмале,  денес Сармаале, времето го променило. Сега тука под ладните сенки и дебелите крошни се собираат постарите велешани, невработените на лаф муабет.

Ова беше нашиот велешки фејсбук. Тука се  се дознаваше, под листовите на ова столетно дрво.  Овде минеше и старо и младо и сите се загледуваа на плакатите, дали некој познат, пријател починал или пак има помен за некого. Еве  новото време донесе новина и сега наместо на дрвото плакатите се закачуваат на овие табли. Стариот фејсбук, сега е напуштен. Штом е во  интерес на неговиот опстанок, е во ред  – вели пензионерот Живко Димов.

Тој со друштвото  и наутро и напладне редовно доаѓаше тука за да види  што има ново. Стариот јавор  е сведок на многу бурни настани, низ времето историјата. Времето минува, но некои работи  во градот останале вечни. Но не само овој јавор на плоштадот Сармаале служи за лепење плакати, тоа се случува и на четири  други, кај Варналиите, кај Маалка чешма, кај Саатот и на Којник. Велешани велат дека тие се дел од ,,фесјбук мрежата,,.

Иако тоа е строго забрането, граѓаните   сите овие години забраната  не ја  почитуваа и  никој не беше казнет, затоа што закачуваше некролози на овие столетни дрвја. Граѓаните го одобруваат овој чекор, со цел  старите дрвја да се заштитат, но праксата на велешани некролозите да се закачуваат на дрвја, па дури и  на  столбовите од семафорите е лоша навика. Затоа тие барат да се постават повеќе такви табли, на различни локации.

Доколку постои интерес ние како Јавно комунално претпријатие така и  ќе постапиме. Ќе согледаме каде има потреба и ќе поставиме други табли на нови локации. Сите сме согласни дека дрвјата не се место каде треба да се плакатира, не само некролози туку и други објави  – вели директорот Цековски.

Така велешкиот фејсбук, стариот јавор  замина во пензија а неговата функција ја презедоа информативните табли. Јаворите заедно со Градскиот саат и Железниот мост се едни од обележјата на Велес. Со одлука на Собранието на Општина Велес од 1989 година, осум  дрвја јавори се прогласени за споменици на природата. Тоа се двата во црквата Св.Пантелејмон, двата на плоштад Сармаале, по еден кај Варналиите, кај Маалска чешма, кај Саатот и на Којник, како и тој во дворот на манастирот Св.Димитрија.

На нив согласно оваа одлука се забранува сечење и кастрење на дрвјата или гранките,  се забранува лепење плакати, реклами или некролози, се забранува палење на оган во нивна близина.  Заштитени споменици на природата се и платаните, јаворите по текот на Бабуна од Пешти до вливот во Вардар, како и по текот на Тополка од Превалец до вливот во Вардар.
 

Како двата јавори во центарот на градот се снабдуваат со вода е дилемата која често си ја поставуваат велешани. Двата јавори се напојуваат со вода од извор кој бил откриен при изградбата на блиската деловна зграда на тогашна ГП Пелагонија. Во интерес на јаворите, изворот бил сочуван, се до пред некоја година, кога поради влажните подруми на сопствениците на становите од зградата , водата од изворот е канализирана во одвод.

Тогаш кај велешани остана горчлива дилема, дали двата јавора ќе преживеат. Засега по пет години, тие не покажуваат дека им недостига вода. Годинава после деценија и повеќе, се изврши кастрење на двата јавори, поради нивните големи и суви гранки, кои беа опасност по минувачите и автомобилите. Поради тоа сувите и дотраени гранки  се отстранија а јаворите пролетва добија  нови ,,фризури,,.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »