речник контакт

Велешките гемии

Приказната за гемиите кои пловеле по Вардар, за пристаништата каде се товарала стока

Петар Печков

Равојот на Велешкото занаетчиство и трговијата во средината на 19 век предизвикале потреба од побрз превоз на домашните,пред се земјоделски производи, до странските пазари. Се тргувало со Солун, Цариград, Виена, Будимпешта, Берлин.

Велешани увиделе дека најефикасен и најлесен,а секако и најефтин начин да се однесе стоката до Солун е преку воден пат. Постоела и друга причина што Велешките трговци започнале трговија по воден пат - поради малите трошоци на транспортот. Имено,Турските власти одредувале давачки ,како- друмарина,мостарина...,но немале посебно уредени такси за речен сообраќај. Освен платата на двајцата гемиџии,изградбата на гемијата била релативно евтина,материјал за градба во изобилство

За таа цел започнале да се прават речни пловива за воден транспорт. Некои податоци покажуваат дека со помош на пловила стока идела и од Скопје до Велес..
Сепак,гемиите и трговијата со нивна помош се врзува за рутата Велес-Солун.

Патот до Солун траел 3 дена ,но и повеќе ,во зависност од временските прилики.Еден сплав можел да носи 5 - 6 тони стока ,а го управувале 2 до 3 лица.Во Солун сплавот се растоварал,потоа се растурал и штиците се продавале на пазар.

Во Велес прво имало две скелиња, а на крај дури 31 скеле,места каде се товарале сплавовите.
Од целата Македонија ,Србија и Бугарија се носело жито,волна,афион,катран и друга стока со каравани од натоварени коњи,мазги ,магариња и камили.

Во Велес се изградиле големи складишта на жито кое преку целата година се транспортирало за Солун.Само во 1857 година била испорачана стока во висина од 105.000 тони и остварен профит од 170.000 турски лири.
Во Велес ,како град на занаетчии, посебно се издвоил ќурчискиот занает ( преработката на кожа).

Од Велес бил извезуван и познатиот велешки сахтијан, материјал направен од козја или овча кожа.Од него богатите европски дами шиеле костими за јавање,излети. Се смета дека годишно се колеле и до 25.000 грла ситна стока ,а козјото и овчото месо било евтино и за најсиромашните семејства.

Ова било златното време на велешките трговци и занаетчии,кога градот се развил и добил градски белези .Чаршијата и пазарот работеле добро,а се одржувале и неколку панаѓури годишно.Биле изградени повеќе хотели,кафеани,магацини,анови.Се појавиле првите пајтони,се граделе зданија по европски терк,а бројот на населението растел.Велес заличел на модерна градска населба.


Но , со пуштањето на железничката пруга Солун-Скопје во 1873 година иницијативата згаснала. Железницата станала побрз и поефикасен начин за транспорт на стоките и сплаварењето престанало.

 

Занаетите пропаѓале,а трговијата побегнала некаде со возовите кои бревтале по пругата.Со железницата заминал и голем дел од населението на гурбет во туѓина,не можејќи да преживее во новонастанатите услови,кои ги диктрирала индустриската револуција некаде далеку во Европа.

Најдобри изработувачи на салови ( гемии) била фамилијата Салџиеви, а во ова работа биле успешни и Солевици.
Првите салови се граделе на местото наречено Врежот,веднаш до Мало мовче, на левата страна на Вардар. Таму Вардар бил доста широк и бил направен мал залив ,во кој биле поставени колци и балвани,кои биле наредени надолжно под извесен агол.

Ова било правено за да не се лизга добитокот кој ја носел стоката до скелето од каде се претоварала на сплавот.На брегот постолело куќарче во кое се чувал алатот за изработка на сплавот,како и кантарот за мерење на стоката која се товарала на него.Во Велес како мерни единици во тоа време се употребувале - шиник и ока .

Покасно,ова дејност ,правењето салови, е префрлена на островчето Јани-таш (или на турски - карпа на сомовите), кој во тоа време бил поврзан со брегот со дрвен мост и на него работела кафеана со летна бавча.

Јани- таш било последното место каде се изработувале гемиите.  Пловилата се правеле од стебла кои се сечеле по околните велешки ридови.Најчесто тоа била тополата,борот,смрека. Стеблата се обработувале рачно,се премачкувале со смола,покасно со катран,за да не трулат во водата и се врзувале меѓусебно со ортоми (јажиња) и лико.Покасно се ковале со железни клинци и клинови.

Големината и обликот на гемијата се менувала и се приспособувала спрема големината на теретот кој се превезувал.Од пронајдените документи се гледа дека товарот кој се превезувал со гемиите изнесувал од 500-600 килограми,а со гемијата управувале 2-3 кормилари.
Обликот кој го добила гемијата во своите последни години на изработка, околу 1920/21 година докажува дека Велешани стекнале големо искуство и значително ја подобриле и унапредиле нејзината маневарска способност и ја зголемиле максимално носивоста на товарот.

Гемијата добила изглед на шестоаголник,односно трапез кој на горната и долната страна имал додадено два тријаголника.Самата конструкција овозможувала голема стабилност,поголема маневарска способност и лесно маневрирање од задниот и од предниот дел на гемијата
Гемијата била долга околу 7- 8 метри,а широка 4 метри во задниот дел и 3-3,5 м во предниот дел.И предниот и задниот крај имале форма на шпиц,а тежиштето на гемијата овозможувало лесен распоред на товарот и добри маневарски способности.

На двата краја на сплавот се правеле држачи за веслата,а на средината се ставал товарот.Кормиларот на задниот дел имал две долги весла од по 4-4,5 метра,со кои веслал и маневрирал. На предниот дел се наоѓал предниот кормилар,кој имал двојна улога:внимавал гемијата да не удри на некој камен,карпа или препрека во водата.Тој исто имал две весла кои повеке служеле за маневрирање,за одбивање од брегот,карпите и за избегнување на евентуалните пречки.

Улогата на предниот кормилар бил и да го надгледува огнот кој горел во метален сад на појачаниот дел.Жарот постојано е надгледуван и сплаварот додавал ќумур од вреќа,која била веднаш тука до него.Тој имал и повеке стапови со намотан конот,премачкан со смола,за да може во првиот мрак да ги запали и да го осветлува патот и овозможи безбеден пристан.

Не постојат конкретни податоци колку незгоди,несреќи или загуба на стока имало при транспортот со гемиите,Незгоди имало,но најголем проблем биле разбојничките банди кои ги прчекувале гемите во теснецот кај Демиркаписката клисура , ги принудувале да застанат ,па им ја грабале стоката. На крај ,Велешките трговци се договориле со арамбашата на разбојниците и го плаќале редовно за да го чува безбеден преминот од други разбојници.Трговијата морала да тече.

За фотографиите

Првата фотографија ми ја отстапи г-динот Сашко Ванов и на неа се гледа гемија, на која се наоѓаат 13-мина патници, заено со двајца кормилари.Сликата е снимена некаде околу 1920 година и на неа е бабата на Сашко, г-цата Елена Фирфова( покасно Ванова),која се наоѓа во средината ,помеѓу двете госпоѓи кои седат,а нејзиниот брат ,познатиот музичар Живко Фирфов стои напред и во рацете има тамбура ( мандолина).Предпоставка е дека тие се наоѓаат на излет, веројатно на Ѓурѓовден.

Втората слика претставува турска разгледница,направена (ретуширана и боена ) според тогашните критериуми.Датира од периодот од 1860-80,според споредбените од тој период и објектите кои се гледаат и се присатни на фотографијата.На неа се гледа пристаништето во Дворови,каде се товарани гемиите и тоа се смета за поголемото (ако не и најголемо) пристаниште на гемии на реката Вардар.За ова слика голема благодарност за г-дин Тони Андов.

Третата фотографија е снимена е од Стариот мост. Во средината на реката Вардар се гледа Мало мовче,френгијата(преслапот) преку реката,а десно е местото викано Врежот,каде се надѕира куќичката на градителите и дел од пристанот. Тука се изработувале,а потоа и товарале гемиите.

од Љупчо Данов

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »