речник контакт

Велешките деца кампуваа и учеа по Европа

Осум деца од Велес летово еден месец престојуваа на два летни кампа, во Берлин Германија и Грац Австрија, во рамките на активностите на Детскиот меѓународен камп ЦИСВ. Тие заедно со нивните врсници учеа за толеранцијата, различностите и соживотот.

Петар Печков

 

Првата група беа деца до 11 години возраст и тие беа во Берлин, додека втората група беше деца до 14 годишна возраст и тие беа во Грац Австрија. Сите тие се преполни со впечатоци од еден поинаков  одмор, незаборавно лето, нови пријателства, кои е неизвесно кога повторно ќе ги сретнат во живо, поради далечината од каде тие доаѓаат.

Нашата невладина организација има за цел да ги промовира и практикува универзалните човекови вредности, присутни секаде на планетава. Тоа се ценењето на сличностите  помеѓу луѓето и вреднување на нивните разлики, поддршка на социјалната правда, еднакви можности за сите. Сакаме да ги поттикнеме нашите деца да бидат отворени во размислувањата, земањето одговорност за сопствените акции и одлуки, комуникативни,креативни во решавањето на проблемите, динамични – вели Богданка Јорданова претседател на  ЦИСВ -Македонија, која е дел од  80-те слични организации кои постојат во целиот свет , чие седиште е во Велика Британија. 

Но организацијата не ги опфаќа  само децата до средношколска возраст, туку и нивните родители, кои заеднички работат на остварување на планираните активности. Тоа се помош на постари  лица, лица со пречки во развојот, работа со психолози, дружење и запознавање на природата, едукација од еколошки карактер.  

Бидејќи Македонија  годинава за прв пат се вклучи во работата, таа како промотивна земја имала можност да испрати деца и во двата кампа, Германија и Австрија. Во Берлин имало деца од 17 држави меѓу нив и од САД, Русија,Израел, Канада, Германија, тие биле сместени во адаптирана училишна зграда.

Бргу се вклопивме во новата средина, со наши врсници од цел свет и стекнавме многу нови другарчиња. Сега со нив преку Фејсбук се допишуваме, разговараме, дружиме. Имавме можност да играме игри, да го развиваме победничкиот дух, разработувавме теми за самодоверба – вели Илијан Лазаревски. 

Денот им започнувал со пеење на химната на кампот а домаќинот им организирал и две екскурзии во околината на Берлин, како и викенд престој кај фамилии членки на организацијата. 

Втората група, на деца до 14 годишна возраст престојуваше во Грац Австрија, каде имало делегации од 9 земји, Шпанија, Португалија,  Бразил, Литванија, Финска. Овој камп бил со поинаква организација и посериозни задачи. Децата сами ги средувале собите, переле, чистеле,  Македонските деца потешко се привикнале  и вклопиле во работа, бидејќи тамошниот живот на нивните врсници се разликувал од нивниот, во однос на излегувањето, однесувањето.

Ние децата учесници имавме право да свикаме состанок на кој отворено разговараме пред сите учесници што не ни се допаѓа во кампот, поткрепено со докази и аргументи. На секој таков ,,отворен состанок,, се одредуваше држава која е претседател и го води парламентот, разговорот. Во секој случај, видовме нешто ново, интересно, поинакво од  она  што го знаеме – вели Ана Габерова.

Двете македонски делегации имале своја национална вечер, каде ја претставиле својата земја, со песни, игри, танци,  но и македонски специјалитети. Децата до 11 годишна возраст сами подготвиле тавче гравче, додека повозрасната група мусaкa и полнети пиперки, но и вкусиле храна што дотогаш ја гледале само на телевизија. Сега од престојот им остануваат убавите спомени, но и обврската наученото да го практицираат во нивниот детски живот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »