Петар Печков
Објавено: петок, 09 септември 2011
Велешките поп и рок легенди на три часовен концерт ги потсетија нивните тогашни фанови како тие свиреа а денешните млади, како се забавувале нивните родители. Со песната и музиката од 60-тите па до 90-тие малкумина останаа, без да запеат или заиграат на песните од нивната младост.
Ла Манш, Лебеди, Триумфи, Трио Сомбреро, Марина Чурувија, некогашните ѕвезди на велешката сцена, ги вратија барем за малку сограѓаните во времето кога тие се забавуваа по школските забави, во темнината на училишните холови, каде тие се одржувале. Марина Чурувија година одбележува убав јубилеј 35 години откако победи на фестивалот ,,Суботица,, каде настапувале тогашните млади и надежни ЈУ пејачи. Таа подолго време остана во пеачките води и оствари кариера.
Интересно е што тогаш успеав да го победам Бора Чорба, кој настапи со групата ,,Сунцокрети,, каде беа сегашната актерка Горица Поповиќ и познатата етно пеачка Биља Крстиќ. Тие беа втори, јас победив од жирито а трет беше Марјан Мише. Од публиката Момо Николовски освои прво место, двајцата Македонци ги победивме сите останати. Тоа беше огромен успех. – вели Марина Чурувија.
Бидејќи вечерта кога пеела на фестивалот нејзините врсници славеле матурска, по победата и враќањето во Велес, организирале уше една забава во част на соученичката и победничката Марина. Таа настапи со победничката ,,Живеам за оној ден,, но и подзаборавената ,, Зар е важно,, летово голем летен хит на охридското крајбрежје, иако ја пее Чурувија, многумина ја поврзуваат со групата ,,Македонија,, .
Со неколку нумери од трите аудио касети, на концертот настапи и групата ,,Ла Манш,, која годинава одбележува 20 години работа. Тие со гордост истакнуваат дека вечерта на 8-ми септември 1991-та беа на бината во Скопје, кога се славеше успешниот референдум за самостојна Македонија, се пиеше од шампањот. Тие се едни од малкуте состави, можеби и единствен што се сведоци на историската вечер а денес свират, кога се славеше создавањето на новата држава.
Оставаме простор на помладите да се докажат. Ние заедно со многу тогашни групи го дадовме тој импулс на македонската музичка сцена. За жал сите овие години подоцна, македонската музичка сцена не понуди нешто, што ќе не испрати во пензија. Не се предаваме пред помладите -вели Роберт Трајков, додавајќи дека никој нема повеќе од 37 години во составот.
Заради одржување на кондиција одржуваат по два концерти годишно, кога помладите велешани ги полнат местата каде тие свират. Во 70-тите години од минатиот век, музичката сцена од Велес била во знакот на големото ривалство на составите Лебеди и Триумфи. Веднаш што ќе излезеле некој песна, таа уште вечерта се симнувал, се учела и следниот ден тие ја свиреле. Битлси, Ролингстонси,Лед Цепелин, Дип Парпл, Блек Сабат, биле групите на кои велешани најмногу се ,,палеле,, а нивните песни најбарани. Се свирело во холот од Гимназија, во киното, Соколаана, Младински,
Овие песни не можеа многу да се слушнат на радио, уште помалку да се видат на телевизија. Затоа велешани со нетрпение чекаа да дојде викенд , да дојдат на концерт и во живо ги слушаат најновите светски рок хитови – вели Трајче Арсов, член на групата Лебеди. Но имале и проблеми со јазикот, бидејќи песните ги симнувале од радио и немале можност точно до збор да ги препишат.
Затоа ги пееле, како што им одговара, велешани многу од гласноста и не можеле да разберат. Но со истиот репертоар свиреле и по Јадранот, по хотели, но тогаш го менувале репертоарот, пееле француски и италијански рефрени,за да не ги забележат нивните јазични грешки. Нивен вечер ривал беше групата Триумфи, каде членуваше Миле Бошков, кај велешани познат како Мувата а кај битолчани, каде времено живее, како Павароти. Овој прекар го добил оти пее шпански и мексикански песни и има ширината и боја на гласот. Тој започнал како тапанар.
Ривалите ми префрлаат дека сум бил `рѓосан а јас за разлика од нив, постојано настапувам, пеам и свирам, но и добивам аплаузи среде песна. Ривалството меѓу нас остана, ама само во музиката. Ние сме другари, пријатели како и пред многу години. Велес беше музикален град имаше многу свирки, на различни места и престиж беше да се наполни салата, затоа моравме да бидеме во тек со најновите хитови. А внатре беше гунгула, кој потоа се прераскажуваше до следниот настап – вели Миле Бошков. Тој знае и доста мексикански песни, поради што е член и на составот ,,Три Сомбреро,, заедно со Крсто Џгуров и Пенчо Атанасов. Во автентична облека, со пончо и сомбреро се појавија и на велешката сцена.
Пеевме најмногу серенади, кој за жал денес ги нема. Тоа време не може да се врати, денес новиот век донесе нови нешта. Ние ќе ги земевме гитарите и веднаш по улица каде треба ќе се направеше свирка, под некое пенџере. Имавме повеќе забава и бевме поблиски. Многу се бараше јужноамериканскиот мелос и ние заедно со групата Мањифико бевме тие што во Македонија, свиревме таква музика. Они веќе не постојат, ама ние сме заедно и останавме 40 години – вели Пенчо Атанасов. Со нивниот настап и како беа прифатени, покажаа дека мексиканската песна се уште е позната и се бара. На концертот настапија и Лефтер Николов-Леви, Илија Манасков, Зоран Маневски.
Како Билјeо Дугме украде рефрен од велешка песна
Настапувавме во ресторанот кај прочуениот Џипунот, кога после концертот во Велес, Џаро ги донесе на вечера Бијело Дугме. Тој инсистираше од нас да им ја засвириме Мавели, песна химна на велешките свадби. После неколку месеци Дугме издадоа албум и ми се јавува Џаро и во смеа ми вели, видели ти Брега што направи со вашата песна, ја обработи како „Те ноќи кад умрем, кад одем, кад ме не буде“. Така тоа беше нашиот најголем успех – вели во шега Димче Бегинов Бегинот, член на групата ,,Кактуси,,.Таа има настапувано 15-тина години, по најелитните хотели во Хрватска, на Дубровничката ривиера и во Истра.
Tweet |