речник контакт

Велешките маала ( ретро)

Ако светот има седум Светски чуда, ако Рим е изграден на седум рида, Велес има седум месности и маала кои се надалеку опеани и познати.

Петар Печков

Ако светот има седум Светски чуда, ако Рим е изграден на седум рида, Велес има седум месности и маала кои се надалеку опеани и познати. Којник, Сармаале, Прцорек, Соколаана, Мегдан, Бузаана, Јурија се дел од велешката историја, тие се познати колку и градот. Овие месности своите имиња ги влечат повеќето од турско време, но некои од употреба се преименувале. Интересна е приказната за нивните значења а историчарот Славко Николовски ги има деталите.

Секој дел на Велес изобилува со свои имиња, по кој е познат. Бидејќи носат турски или пак според значењето, може да се констатира дека се со важност од повеќе стотини години-објаснува Николовски, кој долги години бил директор на Историскиот Архив во градот. Таму имал можност да истражува и да ги добие вистинските информации за етимолошката изведеност на месностите. Така познатиот Којник името го добил според Појник, поило за стока. Тој тогаш бил место каде се истерувала стоката на испаша, но со време ова Појник станало Којник, бидејќи било полесно за изговарање. Дека било место за поење стока сведочат и денес двата стари јавори околу кои била водата. Слично е и со денешниот центар на градот Сармаале, кое името го добило од Срамале, место каде се собирала стоката. И овој дел бил на периферијата, исто имало поило и два јавори, кои денес се едно од обележјата на градот. И сега тука се собираат граѓаните на Велес, каде се сретнуваат, разменуваат информации и на јаворите ги читаат некролозите и тажните вести. Николовски ја продолжува приказната за значајните велешки месности а следната е за Прцорек. Таа е во близина на Вардар и доаѓа од Брзорек, каде реката за разлика од другиот дел на водотекот низ градот побрзо тече. Соколаана пак доаѓа од Соколскиот дом кој пак бил изграден врз темелите на џамија, а таму било место за забава. Јурија, Бузаана и Мегдан доаѓаат од туски зборови и се поврзани со нивната локација. Јурија значело отворено место каде се собирале жителите од левата страна на градот, додека „карши“ или спротива, како што велат велешани е Бузаана и Мегдан. Бузанаа е во контекст со Вршник и е негова спротивност, ако таму е местото каде е најтопло во градот, Бузаана е ладен ан, место каде се отпочивале велешани додека се качувале по стрмните улици. Во близина е и Мегдан, отворено место од каде се гледа целиот град. Историчарот Николовски вели дека има уште многу други месности, познати чешми, а тие биле поврзани со имиња на луѓе кои живееле во нивна близина по што станале обележја.

За крај ја открива тајната на Јаниташ, островче во Вардар во Долни дуЌани, стариот дел на градот. Тоа место името го добило од исто така турски збор, кое значело карпа за фаќање на сомови. Како војник сите овие маала ги чува и од високо ги гледа Градскиот саат. Токму поради тоа бил и изграден, потенцира Николовски бидејќи првобитната намена на велешкиот саат била како стражарска кула во близина на Мало мовче за да може да се гледа движењето на народот во градот. А од него пука одличен поглед на сите седум маала. Тој има уште многу приказни за градот во кој живее повеќе од седумдесетина години, но за жал тие ги нема ставено на хартија за да останат за наредните генерации.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »