речник контакт

Велешките поп рок легенди повторно заедно, како пред три четири децении

Концертот на велешките поп и рок легенди за кратко ги собра музичарите, кои некогаш жареа и палеа на настапите по просторите низ градот

Петар Печков

Концертот на велешките поп и рок легенди за кратко ги собра музичарите, кои некогаш жареа и палеа на настапите по просторите низ градот.   Тие преку нивни кратки свирки се навратија во нивната младост  а ги вратија и посетителите од исполнетиот Амфитеатар во Младинскиот парк во Велес.  Убаво беше да се слушнат овие музичари како и по толку години добро владеат со гитарата, тапаните или клавијатурите.  Ѕвездата на вечерта беше Глигор Петров Гиго, кај велешани познат како Точак. Асоцијација на познатиот гитарист Радомир Михајловиќ  член на групата Смак од Крагуевац, поим и денес за рокер за велешани.

Имавме многу јаки свирки, се собираа по две илјади луѓе. Тоа и денес е голема бројка за таков простор. Беше престиж да се дојде на нашите концерти. Свирев хеви-метал, имав голема коса и бев несекојдневна појава за тоа време, вистински хипик од почетокот на седумдесеттите. Ме гледаа чудно велешани а потоа се навикнаа на мене. Жените не се палеа туку колеа по нас -  низ смеа вели Гиго член на Магична Крв во која биле и  Боре Караколето, Орце и Ружди Жути.

Свирел  и со групата   Тежок ден. Гиго прв во Велес донел оригинал соло гитара и тоа марка ,,ибанез,,  од Италија вредна три илјади марки, тогаш висинско богатство.  Тој триесетина години нема засвирено гитара пред неговите сограѓани, оти живее во Австралија. Затоа беше разбирливо што ги собра аплаузите на овој концерт.  Во Сиднеј се уште музицира, настапува и има големо хоби има 16 гитари. Меѓу првите групи во градот била и  Биланси.

Се формиравме 1966-та и постоевме 10-тина години.  Свиревме  бит музика, по игранки, матурски вечери.  Долги години  ги забавуваме гостите во Офицерски дом, тогаш престижно место во градот. Имав пријатели во Србија и преку нив стигнувавме до нова музика, најчесто беше на касети и така ги симнувавме – се потсетува   Кире Масинов член на Биланси  во која свирел заедно со Тоше Панов, Ѓоко Минов, Борис Додов, Борис Даев и  Драган Жежов. 

Забавите тогаш почнувале во шест попладне и траеле до десет навечер. Се свирело на неколку места кои биле најбарани холот на Хемиска, во Интернатот, Киното.  Бидејќи немало друга забава овие таканаречени игранки биле најпосетувани, за нив долго се зборувало. Тогаш едвај се чекало да дојде сабота и недела, не петок. Тоа биле настан и за  музичарите и за сите млади од градот.

  Моите почетоци датираат од средината на 60-тие како средношколец. Тоа беше почеток на поп ерата преку Битлси, Ролингстонси, кои најдоа одраз и во нашето живеење. Како што на Запад никнуваа групи, така  и кај нас се случуваше истиот процес. Свирев органа, немаше клавијатура во тоа време,  бев надворешен член на Изотопи. Тоа беше време кога сите бевме вљубени во музиката,   кога  сите со искрени   чувства  се предаваа на неа. Немаше материјални средства, немаше инструменти.  Нив ги правеа сами, со пила се сечеа налик на гитара, со жици од мандолини оти тоа беше голема работа да се има ваков инструмент. Ги гледавме Пол Макартни или Џими Хендрикс што држеа в  рака, па се трудевме и ние да имаме слично. Се живееше во голема фантазија и романтика, како да бевме во Америка  - вели   Трајче Органџиев подоцна  член на  и Кактус. 

Меѓу музичарите постоело пријателство но и ривалство. Сите учеле во иста школа, биле генерација, шетале и  се дружеле по корзо заедно. Се вежбало по подруми и гаражи.   Благој Панов денес фламенко гитарист свирел во седумдесеттите со групата Викинг заедно со Пепи Беличев, Ристе, Јованче.

Свиревме андерграунд музика, која  немаше танчерски карактеристики, туку само за уво, за душа. Потоа продолжив со мексиканска и јужно американска, по патеките на Мањифико. Денес музицирам  за своја душа – објаснува Панов.  Во тоа време наплив имало на јужно американски ритмови, публиката се палела на нив.

Започнав да свирам на 15 годишна возраст 1965-та кога прв пат фатив гитара. Само во музика ни беше паметот, какви женски само на неа мислев. Се најдовме со Пенчо и Петре и го создадовме триото Санта Морено. Имавме соло концерти низ цела Југославија, сами по два часа пеевме. Рок музиката дојде подоцна на овие простори, народот ја сакаше оваа музика, гледаше такви филмови – вели  Крсто Џгуров.  Во Велес големо ривалство имало помеѓу  групите Зрак и Саманта, помеѓу  Лебеди и Триумфи.

Започнавме  со хитовска  музика од 1965-та свиревме по игранки во Младински дом, Гимназија во салата на училиштето  Трајко Андреев, во Соколаана. Конкуренти ни беа Лебеди. Музика ја симнувавме од радио Луксембург, од Монте Карло. Ќе чекаш цела ноќ да слушнеш некоја песна. Слушана не дочуена па ја импровизиравме. Цел кров со жици испреплетен за подобро да фатиме сигнал на радиото – велат членовите на  група   Триумфи  која ја сочинувле Тоше Карбев,  Боре Карбев, Миле Тодоров, Данчо Ефремов, Архонди Софијанов, Крсто Гочев  и Миле Бошков.

Тие во  1971 на гитаријада во Скопје биле втори после Безимени. Нивниот член Миле Бошков кај велешани беше познат како македонскиот Павароти со неговиот прекрасен глас, кој никого не оставашпе рамнодушен.  Ривалството меѓу двете групи во еден момент завршило и  караница а учесниците одлежале и во Болница.

  Бевме жестоки ривали. Двајца  членови од двете групи   по име Тоше нешто се скараа, си удирија по една и завршија во Болница. Докторот кога ги виде не му с е веруваше, па ги остави да преноќат да им се изладат главите.  Нашиот репертоар беше еден од најатрактивните тогаш не само во Велес, туку и во Македонија. Ги свиревме Лед Цепелин, Блек Сабат, Дип Парпл, но имаше и музика од ју –сцената. Имаше премногу богат живот во градот, а најпопуларни бевме ние Лебеди, потоа Триумфи и Изотопи. Први после Биз-бес, влеговме во студиото на радио Скопје и ја снимивме нумерата „Кој пат води за Амарило“.  За жал бидејќи бевме од Велес и немаше кој да не турка, таа никогаш не беше пуштена во етер, потоа ја преснима друга позната пеачка и така нашата успешна кариера, со настапи во живо остана без студиска снимка – вели Трајче Арсов еден од петмината членови на групата Лебеди кои настапувале од 65-та до 75-та.

Како анегдота раскажува кога пееле англиски хитови, се додека не дошле гости американци во ресторанот, па тие за да не пукне срамот од  (не)познавањето на јазикот, запеале француски  и италијански шансони. Велешките музички легенди оставија голема трага во животот на градот, за нив толку не се знае пошироко, но затоа не пречело на познати музичари од некогашна Југославија да им откраднат од рефрените, да ги потпишат како нивни, па песните да станат големи хитови.

  Со задоволство доаѓаме на овие концерти, вистински музички времеплов, да се потсетиме како било, што било. Да засвириме нешто, да се видиме со колегите. Долги години, цели единаесет лета, свиревме по Далмација, така добар впечаток оставивме што не можевме да ги одбиеме бројните понуди за свирки по Јадран. Настапувавме во ресторанот кај прочуениот Џипунот, кога после концертот во Велес Џаро ги донесе на вечера Бијело Дугме. Тој инсистираше од нас да им ја засвириме Мавели,  тоа е песна химна на велешките свадби.  После неколку месеци Дугме издадоа албум и ми се јавува Џаро и во смеа ми вели, видели ти Брега што направи со вашата песна, ја обработи како „Те ноќи кад умрем, кад одем, кад ме не буде“ . Така тоа беше нашиот најголем успех,  рефрен од песна која ние ја свиревме заврши како голем хит на  мега популарните сараевчани – вели во шега Димче  Бегинов член на групата Кактус од  групата која работеше од 1980 до 2003 и зад себе има две касети.

Оригиналната постава била Бегинов, Трајче Органџиев, Орце `Ржаров, Љупчо Босилков Чаушот  кој живее во Австрија каде настапува како Том Џонс и Елвис Присли. и  Боро Ивановски. На овој концерт на велешките легенди засвиреа и помладите велешки групи Соната, Виртус, Коктл Бенд кои настапија со македонски евергрин теми.  

Каква била популарноста на македонската музика зборува и фактот што  на почетоците Рибља Чорба била  предгрупа на Драган Мијалковски. Зимата 1978-та во декември кога го издале синглот ,,Лутка са насловен стране,, а Бајага станал член на групата тие имале настап во велешкото кино 11 октомври. Но биле предгрупа на Драган Мијалковски.

Салата беше преполна но повеќето  беа дојдени да го видат Драган кој тогаш беше голема македонска шлагерска ѕвезда. Публиката се сликаше со Драган повеќето со него а помал дел со Бора и друштвото, кој го делеа синглот со потписи   – се сеќава Трајче Арсов.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »