речник контакт

Велешките стечајци станаа земјоделци

На Градскиот пазар доминираат производи „мејд ин Велес“

Петар Печков

Во регионот Речани целото земјиште е освоено од поранешните вработени во индустриските гиганти, кои не ја преживеаја транзицијата Велешките стечајци, лицата прогласени за технолошки вишок и социјалците станаа земјоделци. На нивите и на Градскиот пазар тие бараат начин за да ги прехранат семејствата. Тоа комплетно ја смени сликата на пазарот во градот, на кој пред десетина години главни продавачи беа земјоделците од околните села и од другите градови во кои доминира земјоделската дејност. Љупчо Лазаревски, раководител на пазарот, со кој управува Јавното комунално претпријатие „Дервен“, го потврдува тоа. - На пазарот во Велес речиси и да нема продавачи од Струмица, Прилеп, Охрид, Тетово и од другите земјоделски региони. Тие се ретки, а преовладуваат велешани - вели тој. Веќе нема охридски цреши, тетовско гравче, преспанско јаболко. Сега се е „мејд ин Велес“. Малкуте слободни површини се претворија во обработливи парцели на кои се одгледуваат градинарски производи. Во регионот Речани, по текот на реките Тополка и Бабуна, сите земјоделски површини се освоени од поранешните вработени во индустриските гиганти, кои не ја преживеаја транзицијата. - Најдов парче земја, кое го работам три години. Имам домати, компир, пиперки, зелка. Се што ќе продадам е добредојдено за скромниот домашен буџет - вели Никола, поранешен вработен во „Порцеланка“. На сличен начин се снаоѓаат и уште десетина негови колеги. Тие не сакаат да го откријат идентитетот бидејќи од Бирото за вработување добиваат месечен надомест, кој може лесно да го изгубат ако бидат откриени дека обработуваат земја. - Земјата не се води на мое име. Морам некако да преживеам. Никој не прашува како врзуваме крај со крај - вели Слободан, поранешен вработен во топилницата. Овие новопечени земјоделци се фалат дека освен што обезбедуваат пари за домашниот буџет, ја откриле и тајната за најевтиниот пазар во Македонија. Гордо велат дека ги симнале цените на пазарот во Велес, кој, според статистиката, е најевтин во земјава.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »