речник контакт

Велешките шивачи, шнајдери, кројачи, го одбележаа Петровден

Традицијата на нивното собирање не е прекината ниту по еден век на другарување

Петар Печков

Како и многу години наназад, така и денес, велешките мајстори на иглата и конецот, кројачите, шивачите се собраа утринава во дворот на црквата Св. Пантелејмон. Во црквата се одржа традиционалниот обред, се креваше панагија за успешна работа на мајсторите.

Традицијата на нивното собирање не е прекината ниту по еден век на другарување. Некои занаети изумирале, други се раѓале а занаетчиите од градот се дружеле.  Годинава ги имаше десетина, но тие велат,  колку, сме толку сме.

„Ја продолжуваме традицијата, да го одбележиме овој наш ден, кога не работиме.  Има се помалку шнајдери, шивачки, но мислам дека има повеќе но не се запознаени. Вчера разговарав со колешка, таа не знаеше за денес, мислеше дека наш празник е Св. Архангел Михаил. Можеби тоа е причината што сме толку малку. Работата е тешка, со игла и конец да се направи нешто е тешко, малку е платено. Доаѓаат луѓето,  купиле нешто евтино и треба да се дотера по нивна мерка и да го преправиме.  И се жалат дека преправката излегува поскапо од тоа што го платиле за купување“ - кажа   Верче Наумовска.

По посетата и црковниот обред, мајсторите се собираат на муабет и потсетување на некои минати времиња, кога имало работа и муштерии. Велешани отсекогаш сакале да бидат во тренд и модерни. Шивачите ја следеле модата и градот секогаш имал убаво дотерани граѓани. Меѓу присутните мајстори  беше и Орце Стојановски, кој започнал со работа 1971 година.

„ Три години одев и бев чирак, па полагав во школото „Коле Неделковски“ , текстилен смер. На времето доста се работеше, по порачка. Сега е повеќе сервисирање и поправка, времето си го прави своето“ - вели Стојановски.

Овој текст за шивачите ќе го завршам со потсетување зошто тие го слават токму Петровден.  Според раскажувањето на тетка ми, Филимена,Мека Печкова, која беше шнајдерка, Петровден е нивен празник, оти Св. Петар е кројачот на судбината на луѓето, тој решава за животите а тие шивачите ја кројат облеката на луѓето, па затоа го празнуваат овој ден.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »