Петар Печков
Објавено: среда, 16 октомври 2024
Вечерва, среда од 20ч. премиерно на сцената на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе биде изведена претставата „Рацин“. Режисер е Дејан Пројковски, драматург е Сашо Димоски.
„Драматургијата за претставата е според прозата и поезијата на Рацин од една страна, и според метатекстуалните записи што постојат во самиот опус на Рацин. За мене најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма, бидејќи поетскиот дискурс сам не е наменет за сценска изведба. Предизвик беше истиот да се претвори во жива реплика, во говорна реч“ – кажа Димоски.
Тој најави дека претставата открива и нуди работи за Рацин што досега не се познати кај публиката.
„Во претставата се обидовме е да направиме демитологизација на Рацин, бидејќи неговиот лик е обвиткан со многу мистерии, со многу неразјаснети аспекти, од неговиот личен живот до неговото творештво. Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо, затоа што многу од случките врзани за неговиот живот и дело, повеќето од нив производ на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живее - рече Зафирчев.
Од велешки театар најавуваат дека претставата е ново, свежо и несекојдневно доживување и третирање на Кочо Рацин како човек и уметник, но во прв план беше неговата човечка димензија преку која се претставени и некои други факти кои на извесен начин ги заобиколила историјата.
„Рацин е дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК-та на секој од нас. Логички беше претставата за Рацин да ја создадеме токму во Велес, мислам дека тоа е вистинското место каде се уште улиците ги паметат неговите чекори, неговите воздишки по Раца. Тоа е градот каде просто беше неизбежно да се случи „Рацин“, местото каде случувањата ни ја враќаат вербата и љубовта во оваа наша професија“ – кажа режисерот Дејан Пројковски.
Во претставата настапуваат и Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова.
Сценограф e Валентин Светозарев, костимограф Раде Василев и Елена Вангеловска, композитор Сашко Костов, кореографија и сценски движења Васил Зафирчев, изведба на музика во живо Сашко Костов и Орхидеја Дукова.
Претставата „Рацин“ премиерно беше прикажана на годинашното Охридско лето.
фото Охридско лето/театар ЈХЏинот
Tweet |