речник контакт

Владиката Агатангел - Божик нека ни дарува мир и благослов

Божикно послание на Владиката Агатенгел - Нека го крепи Бог нашиот дом, постојано нека биде присутен Божјиот мир во нашите семејства

Петар Печков

Митрополитот на  Повардарска епархија на МПЦ-ОА, Владиката Агатангел го испрати Божикното послание, со кое на православните верници им го честита големиот празник Божик.

Пред повеќе од две илјади години се случило нешто единствено и неповторливо. Бог, преку утробата на Пречистата Марија Дева, ни дојде во светот како човечко битие. Семоќниот Цар и Седржител, не посакал да се роди во раскошна и богата палата, туку во скромната и сиромашна Витлеемска пештера. Во скриената тишина на таа света ноќ се воплотил нашиот Господар, Кој преку Својата жртва го спасува и откупува секого на земјата.

Со раѓањето на Спасителот, сè што постои добило нов облик и осмислување. Преку нашите постапки нека биде повторно возродена и сеприсутна Божјата љубов и човекољубие. Нека се роди Христос внатре во нас, во нашите души, во нашите срца, нека се воплоти Христос во нашите мисли, во нашите дела, во нашите зборови. Нека засвети Неговата спасоносна светлина во секој дом, во секое семејство, во секое затскриено место во нашата татковина Македонија. 

Божик е празник на новиот живот кој повторно се раѓа и започнува. Божик е време на самоосознавање и себе преиспитување. Колку духовно пораснавме, колку добрини направивме, што се промени во нас и во нашиот живот во текот на претходната година? Ако сме помогнале барем на еден од нашите најмали браќа и сестри, ако не сме го повредиле својот ближен, тогаш добра и исполнета година сме поминале, тогаш Христос се родил во нашите срца. 

Драги браќа и сестри,

Денес, се раѓа светлоста на неизмерната Божја љубов спрема човекот. Вистинската светлина, која го просветлува секој човек, дојде во светот, светот преку Него постана, но светот не го позна. Ветениот Христос и Месија не дојде во светот како велик воин и војсководец, туку како Светлоносец, Кој ги осветлува патеките на човечките животи. Ни се приклони Господ како сигурен Сопатник, Кој ни го придржува тешкото бреме наталожено врз нашите срца. Христос нè оспособува за еден нов начин на разбирање на светот и човекот, преку Неговата светлина се гледаме онакви какви навистина сме, па усвојувајќи и живеејќи ја Неговата љубов го прегрнуваме секого со нашата топла прегратка. Христос, на Неговиот роденден ни се дарува Самиот Себе, а ние Му го подаваме највредното што го имаме, а тоа се нашите отворени и радосни срца.

Се молиме денеска од нашите длабочини, нека останат нашите срца такви какви денес на овој празник ги донесовме пред Господа. Нашиот новороден Цар постојано нека нè осветлува со Својата спасоносна светлина, нека ни дарува мир и благослов за да можеме во среќа и благосостојба да ја шириме радосната вест за Божикното велелепие. Тајната на благодарноста нека се роди во нас, а преку нас нека се рашири во светот и во времето во кое живееме. Не бојте се мили наши духовни чеда! Христос безброј пати правел чуда, па невозможното станувало возможно. Така, и сега, во овие тешки моменти за нашата татковина Македонија, Он со Својата топла прегратка го закрилува македонскиот народ. Неправдата ќе биде исправена, злото ќе биде погазено, името македонско ќе живее вечно...

Нека го крепи Бог нашиот дом, постојано нека биде присутен Божјиот мир во нашите семејства, нека бидат умножени и преумножени добрите дела на сите луѓе со добра волја во овој свет! 

Христос се роди, навистина се роди!

За многу години, амин!

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »